Оценската мисија на ЕУ не е вонредна, туку десетта
Вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ денес ќе има средба со преставниците на оценската мисија за Судскиот совет, што од вчера се во нашата држава.
-Оваа мисија не е нешто нерегуларно и ја побаравме ние самите, соопшти Маричиќ, објаснувајќи дека последните седум осум години сме имале десет вакви мисии кои, освен таа на Рајнхард Прибе, не добиле ваква гласност во државата.
Тврдејќи дека не сака да го намали проблемот со Судскиот совет тој сепак кажа дека откако ги почнавме преговорите сме имале две вакви мисии, а сме имале оценска мисија и во 2017 година. Тематски оценските мисии биле фокусирани на утврдување потребни обуки за судството, за нудење решенија за управните постапки, за справување со предметите со високопрофилна корупција, за насилен екстремизам, за судските одлуки во трговското право, за јавните набавки, за слободата на изразување, за регулаторните тела и уште две за високопрофилен криминал, корупција и перење на пари. Според него, секоја мисија била резултат на потребата да се подобри некоја сфера во согласност со стандардите во земјите од кои доаѓале експертите. Единствена вонредна мисија била таа за владеењето на правото на Прибе.
Околу злоупотребата на ИПА фондовите Маричиќ упати на Министерството за финансии, како задолжено за имплементирање на проектите и Агенцијата за ИПАРД фондовите, бидејќи надлежност на СЕП била само да ги програмира потребите и приоритетите околу ИПА фондовите. Според него злоупотребите не мора да се однесуваат на големи проекти, но добро е да се расчистат докрај . Тој посочи дека имплементирачи на проектите можат да бидат општини, институции или компании, а за да се заштити државата злоупотребата на ИПА фондовите го вовела како кривично дело така што, по истрагите на ОЛАФ, ќе има епилог и во нашите институции.
-Еднаш неделно имаме состанок со делегацијата на ЕУ за ИПА фондовите. Наша борба е секое евро да биде искористено, порача Маричиќ забележувајќи дека овие случаи покажуваат дека има слабости во трошењето на помошта, нешто што имало и во други земји, но злоупотребите не можат да опстојат на долг рок.