Обвинителството уште истражува за луксузната вила на Стрежевско Езеро
Една година откако „Независен“ го отвори случајот со изградбата на луксузната вила на брегот на Стрежевската акумулација, од каде цела Битола пие вода, Основното јавно обвинителство најави јавнообвинителска одлука. Она што ќе треба да се расчисти е дали некој противправно градел на локација на која не смеел?
„Во предметот се преземени повеќе дејствија. По наредба на јавен обвинител се извршени вештачења и вештите наоди се доставени во обвинителството. Истражната постапка е во завршна фаза, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“, изјавија денеска од Обвинителството за „Независен“.
Вилата е во сопственоста на позната битолска фамилија златари, бизнисмени, која од лани по откривањето на случајот досега не се изјаснила јавно за случајот, дали евентуално поседува имотен лист, дозвола за градба во заштитената зона…
За волја на вистина, хациендата на брегот на акумулацијата не била „осамена“ во меѓувреме додека таа се градела пред и за време на корона кризата никнале уште дузина помали викенд куќи, со поглед на езерото. По ова остана не јасно како се одвивале градежните работи без никој да забележи во изминатите години? (А.Б.)