Обвинителството појаснува: Кривичните пријави против Ковачевски и Димовски се проверуваат
Републичкото јавно обвинителство денеска појасни дека поранешниот премиер Димитар Ковачевски и тогашниот генерален секретар на владата, Методија Димовски, не се опфатени во истрагата за случајот „Лотарија“, но и дека кривичната пријава поднесена против нив од МВР не е отфрлена.
Забуната во јавноста настана бидејќи МВР поднесе кривични пријави против осум лица за случајот „Лотарија“, а Обвинителството вчера соопшти дека е отворена истрага за шест осомничени за кривични дела со кои е предизвикана штета на државниот буџет од шест милиони евра.
Дека поранешни премиер и генерален секретар се дел од лицата против кои се поднесени кривични пријави за сторени кривични дела што довеле до поголема штета на буџетот во случајот „Лотарија“, на вчерашната прес-конференција информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Обвинителството појаснува:
„Јавното обвинителство веќе извести дека кривичната пријава за наведените лица не е отфрлена. Основното јавно обвинителство Скопје во овој предмет постапуваше по поднесени кривични пријави и од Министерството за внатрешни работи и од Управата за финансиска полиција. По сите преземени дејствија од сите надлежни институции во конкретниот случај до овој момент се обезбедија докази кои упатуваат на основано сомнение дека наведените шест лица презеле дејствија со кои исполнуваат обележја на кривичните дела за кои беше поведена постапка. За останатите наводи од пријавите проверките продолжуваат. Напоменуваме двете лица што ги наведувате се пријавени за сосема друг временски период и за други дејствија, а на седницата на 06.06.2023 година кога точка на дневен ред била наведената одлука претседавал единствено сега осомничениот“.
За кој временски период се однесува кривичната пријава не се наведува.
Се очекува скопскиот Кривичен суд да донесе одлука во врска со предлогот на обвинителството за одредување мерка притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби и поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами.
Случајот се однесува на набавката на ВЛТ-терминали за приредување на електронски игри на среќа, што Државна лотарија согласно закон не смеела да ги организира, бидејќи веќе имал удел од 51 проценто во „Државната видеолотарија – Касинос Аустрија ДОО Скопје“.
На седница на владата на 6 јуни 2023 година, со која претседавал Груби како тогашен вицепремиер, била донесена одлука за набавка на ВЛТ-терминалите, откако претходно на 9 мај истата година, првоосомничениот Бајрами доставил информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа од страна Државна лотарија. Терминалите никогашне биле ставени во употреба.