Обвинителството контра Тошковски: Немаме известување дека Васко Ковачевски е недостапен


Фото: Б. Грданоски

 

До Обвинителството и предметните обвинители до денеска нема доставно документ дека осомничениот е недостапен на органите на прогонот, реагираат од Основото јавно обвинителство на изјавата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој претходно денеска рече дека е вчудоневиден што не е побарана мерка притвор за поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, кој е недостапен за органите на прогонот, а е дел од осомничените за проневера на 6,5 милиони евра. 

Од Обвинителство посочуваат дека во моментот кога ОЈОГОКК ќе добие известување дека осомничениот е недостапен на органите на прогонот, надлежните јавни обвинители ќе постапат согласно законските надлежности во поглед на мерките за обезбедување.

Обвинителството појаснува дека МВР вчера до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ОЈО ГОКК доставило Известување за постапување по сите 77 наредби за претрес издадени од Основниот кривичен суд – Скопје во кое, во точката што се однесува на наведениот осомничен е наведено дека тој во моментот на претресот не бил пронајден на домашната адреса и не бил забележан подолг период од страна на соседите.

„Законот за кривична постапка е јасен и дециден во вакви случаи – МВР треба најпрво да го извести судот кој ќе побара од полицијата да ја утврди достапноста на лицето. Доколку притоа се утврди дека лицето е недостапно, судот ќе го достави известувањето на МВР на запознавање во случајов до ОЈО ГОКК и ќе побара Обвинителството да се произнесе во однос на предлогот за определување на мерките на обезбедување. До денес, Основниот кривичен суд – Скопје нема доставено ваков документ до Обвинителството и предметните обвинители не можат прескокнувајќи постапки и институции да носат предлози или одлуки надвор од нивните законски овластувања“, се посочува во соопштението од Обвинителство.  

Во меѓувреме од Основниот кривичен суд во Скопје информираа дека судија на претходна постапка, постапувајќи по предлогот за определување мерки за претпазливост против В.К. од 11 декември 2024 година за  истрагата за предметот од Обвинителството „Адитив“, денеска по добивање на известување од надлежното МВР за неговата достапност, донел решение со кое го отфрли предлогот за определување мерки за претпазливост, со оглед дека осомничениот не е достапен за органите на прогон.

Министерот за внтарешни работи Панче Тошковски претходно денеска изјави дека е вчудоневиден што не е побарана мерка притвор за Васко Ковачевски. 

„Од наша страна се преземени сите потребни дејствија во насока на информирање на Јавното обвинителство. ЈО е известено и писмено и усно во однос на лицето кое го споменувате, но за жал, јавниот обвинител кој ја водел постапката во рамки на ОЈО ГОКК оценил дека не треба да бара најстрога мерка согласно одредбите од ЗКП. ЈО не побара таква мерка само за тоа лице. Инаку, другите сите кои беа поранешни функционери се моментално во притвор“, рече Тошковски.