Обвинителството конечно отвори постапка за дивоградбите што ги откри Арсовска

Основното јавно обвинителство Скопје ја започна првата официјална постапка по пријава за фалсификувани документи поврзани со градби во Општина Чаир, информираше градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку својот фејсбук-профил.
Таа откри дека случајот се однесува на сомневања за фалсификување на документација со цел незаконска легализација на објекти и го поврза директно со градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
„Обвинителството постапува по првата пријава за фалсификати, а во тек се уште две постапки што се водат претходно – едната за фалсификување на целата архивска книга со броеви и барања за легализации, а другата за уште еден случај со дополнителен соучесник“, напиша Арсовска.
„Станува збор за организирана криминална банда во Општина Чаир. Со црни пари се градат дивоградби и се загрозува безбедноста на граѓаните. Очекувам и Обвинителството за организиран криминал да се вклучи во истрагата“, порача Арсовска.
„Апелирам итно да се приберат доказите од Општина Чаир, затоа што постојат информации дека дел од нив се уништуваат со цел да се сокрие криминалот“, предупреди Арсовска.
Градоначалничката нагласи дека Град Скопје нема да дозволи урбанистичкиот криминал да се шири под покровителство на институционален молк, и ги повика сите надлежни органи да реагираат без одлагање.
Случајот дополнително го вжешти политичкиот амбиент меѓу општините во Скопје, а јавноста очекува институциите да се произнесат за наводите и обвиненијата за урбанистички криминал.