Обвинителството ги презеде списите за случајот „Таргет-Тврдина“
Постапувајќи по предметот оформен по назначувањето на две лица на црната листа на САД, Основното јавно обвинителство Скопје информира дека се преземени дејствија во рамките на кои истражител од Истражниот центар на обвинителството ги побарал и презел од Судскиот совет сите списи во врска со постапките за утврдување одговорност на судии кои постапувале во предметот познат во јавноста како „Таргет-Тврдина“.
Од ЈОРСМ посочуваат дека се преземаат и други дејствија за целосно испитување на настанот.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски завчера информираше дека оформил предмет за обезбедување докази за евентуална кривична одговорност за лицата ставени на црната листа на САД.
„Со оглед на сериозноста на наводите поради кои наведените лица беа назначени на листата, ги искористив своите овластувања и уште вчера оформив предмет со цел да се обидеме да обезбедиме докази со кои ќе ја провериме евентуалната кривична одговорност на лицата кои се доведуваат во врска со дејства на поткуп и трговија со влијание“, истакна Коцевски на брифинг со новинарите.
Американскиот Стејт департментот во понеделникот ги стави на црна листа поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети.