ОБСЕ/ОДИХР испраќа мисија за „избори на 5 јули“
ОБСЕ/ОДИХР распиша конкурс за експерти кои треба да ги следат предвремените парламентарни избори во Македонија на 5 јули годинава. Во соопштение објавено денеска на интернет-страницата на институцијата, се наведува дека е прифатена поканата на македонската влада за следење на изборите.
„По официјалната покана да се набљудуваат предвремените парламентарни избори во Северна Македонија на 5 јули, и во согласност со својот мандат, ОДИХР се подготвува да испрати Специјална мисија за проценка на изборите“, се наведува во соопштението.
Во отворениот конкурс кој завршува на 16 јуни, ОДИХР бара шеф и заменик на шефот на мисијата во Северна Македонија, политички аналитичар, изборен аналитичар, аналитичар за регистрација на гласачи, правен и медиумски советник.
Мисијата ќе биде во траење од три недели, а сите кандидати треба да бидат на располагање за извршување на задачите уште од 19 јуни.