Обои ме  


ЛЕЈЛА САБИТ

Хитот на Калиопи „Обои ме“ стана стварност.

Кој што стигне, не фарба во Македонија и во светот.

Во фризерница, на фасади, на билборди, со зборови, на дело и онлајн.

Животот и размислувањето не се веќе црно-бели.

Црното стана опасно, белото е забрането.

Исончаниот тен е престиж, ама не е здрав, белиот тен е аристократски ама никој не го цени.

Ни се случува шарена (р)еволуција.

Бринетите стануваат русокоси, русокосите-бринети, а посмелите- и црвенокоси.

Жените (се уште) не излегуваат од црно, мислејќи дека се послаби, а мажите почнаа да носат розово зашто им се подигна свеста за жените.

Која боја да изберете летово, ќе ви судат.

Модните критичари, докторите, политичките експерти, домашните или јавноста.

Црвената и сината сега се ин, а потоа може да станат аут.

Жолтата дречи, а може да ве прогласат и за геј.

Зелената никој не ја сака, а може да ви препишат дека сте зелени во памет или екологист меѓу толку многу ѓубре околу нас.

Се уште е тренд да фатиш малку боја летово ако имаш каде.

Ако избереш сенка –значи не си во позиција и не си влијателен.

Ако претераш на сонце- можеш да изгориш, да ти се појават дамки и брзо да се збрчкаш.

Некоја боја тешко се вади, а уште потешко се пере.

Затоа внимавајте што ќе носите, што ќе кажете и што ќе направите.

Во Македонија ( и во светот) или предолго се памти или пребрзо се заборава!