Отворањето на Нотр Дам во живо


Пет години откако беше опожарена, катедралата Нотр Дам вечерва повторно ги отвори своите врати. Во точно 19:10 часот, првпат по пет години, повторно заѕвонеа камбаните на катедралата кои светските лидери и граѓаните собрани на плоштадот ги слушаа во тишина. Службите за итни случаи кои помогнаа да се спаси готското ремек-дело и луѓето вклучени во реставрацијата на објектот добија овации додека парискиот надбискуп Лоран Улрих тропна три пати на вратите на Нотр Дам пред симболично повторно да ја отвори катедралата.

Богослужбата траеше два часа. Во својот кус говор пред присутните, францускиот претседател Емануел Макрон ѝ заблагодари на нацијата и на сите оние кои ја спасија и помогнаа во обновата на катедралата.

„Ѕвоната на Нотр Дам повторно бијат. Овие ѕвона ја одбележаа историјата на Франција. Да живее Нотр Дам, да живее Франција“,рече, меѓу другото, Макрон во својот говор.

Макрон изрази надеж дека повторното отворање на катедралата може да донесе чувство на национална гордост и единство – како што направија Олимписките игри во Париз ова лето.

Еден од најтрогателните моменти на вечерашната церемонија по повод отворањето на Нотр Дам беше кога пожарникарите, облечени во своите униформи, продефилираа низ катедралата додека зборот „Merci“ (Благодарам) беше осветлен на надворешноста на готската зграда.

И покрај предвидувањата дека обновата на катедралата може да трае со децении, таа е повторно отворена пет години по силниот пожар што ги урна покривот и кулата на објектот. Реконструкцијата на Нотр Дам чинеше околу 700 милиони евра, финансирани од донации. Причината за пожарот во 2019 сè уште не е идентификувана.

Според многумина, повторното отворање на Нотр Дам не е само успех на Франција, туку глобален успех.

Политичка ѕвезда на вечерта секако беше Доналд Трамп, а видеото од неговото ракување со Макрон беше проследено со коментар дека по ова на францускиот претседател ќе му треба физиотерапевт.