Обновата почна со знамињата од Вергина


ЕРОЛ РИЗАОВ

Работилниците за знамиња деновиве работеа во три смени со примамлива експресна нарачка. Се шиеја нови знамиња со шеснаесеткракото сонце од Вергина. Вечерта, на 23 октомври, на 126-годишнината од основањето на ВМРО, ја видовме првата обнова на Македонија од проектот на Христијан Мицкоски кога тргнаа вмровските конвои по скопските улици со по две тазе сошиени знамиња на секој автомобил. Обновата на знамињата беше првиот многу успешен и голем чекор на Мицкоски во договор со следбениците, кои тој ги нарекува граѓани, да се разубеди Европа дека не погрешила кога не донесе одлука за отпочнување на преговорите на Македонија.

Тоа што цела Европа и безмалку целиот прогресивен свет е против неправдата што ѝ е нанесена на Македонија од француското вето барајќи итна исправка, на нашиот домашен партиски пазар не вреди ништо. Сонцето од Вергина на новите знамиња треба да ги замолчи да им каже – аман не нè бранете, ние сами како потомци на Алаксандар Македонски можеме да упропастиме многу повеќе отколку што вие можете да ни наштетите. Сирените од автомобилите со развеани знамиња до доцна во ноќта означија дека Македонија е спасена. Од радост и ѓурултија граѓаните до доцна во ноќта на големиот празник не можеа око да склопат. Прославата на основачкиот конгрес на ВМРО во Солун ја означи стратегијата на борбата за освојување на власта и враќање на Македонија кај што беше, на цврсти позиции пред бегството на Никола Груевски од земјата.

Христијан Мицкоски наредните денови на предизборна кампања ќе ја пресметува квадратурата на кругот, објаснувајќи како тој и неговата партија мислат да нè внесат во Европа со шеснаесеткракото сонце од Вергина и со обнова на антикоманијата на неговиот претходник. Задачата е нерешлива, професоре. Сите сте, како што велите за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО, ама тоа не бива со обнова на старите идеи. Едно со друго не оди, тоа е еден од нерешливите проблеми со чии погрешни и лажни резултати владеевте без контрола 11 години. Вашите следбеници велат дека со недобивањето датум за преговори со ЕУ договорите со Грција и со Бугарија се неважечки. Вие тоа не го демантирате дома пред граѓаните на Македонија, туку само кокетирате пред сестринските партии на Европа и пред Брисел, ветувајќи тајно ако ја освоите власта ништо од потпишаните договори нема да менувате. Тоа е исто како што ветувате дека ќе воведете обнова на владеење на правото и решителна борба против криминалот и корупцијата, незаконското богатење со прогласување на своите осудени и осомничени претходници како невини жртви на насилство на правдата на нелегитимна власт. Каква е таа обнова на владеење на правото само за политичките противници. Белким владеење на правото значи сите да бидат еднакви пред законите.

Со ваквите заложби доколку ја освоите власта вие навистина со помош и поддршка на конзервативните и националистички струи во ЕУ ќе успеете да ги направите неодржливи договорите со Грција и со Бугарија за добрососедство без многу да се намачите. Одложувањето на преговорите со ЕУ ви одат во прилог на вашата стратегија за реставрација на блиското минато 2006-2016. Без почеток на преговорите, навистина, Преспанскиот договор има одредби кои ја нарушуваат неговата заедничка прифатливост и одржливост на подолг рок. Треба голема политичка волја, мудрост и трпеливост да се продолжи со реформите и со активности да се спасат најголемите достигнувања во односите со соседите од прогласувањето на независноста на Македонија до денес. Не се залудни сите тие заложби на европските државници и влади да не се расипе тоа што е постигнато и да се биде трпелив, бидејќи европската иднина на Македонија од никој, па ни од претседателот Емануел Макрон, не е доведена во прашање и покрај неговото НЕ. Најлесно е сè да се расипе, за тоа не треба храброст, туку само кукавичлук и примитивен популизам штедро помогнат со лажни вести и бесконечни ТВ-сеанси со партиските пациенти.

Иако имаме голема причина за лутина за неправдата од историската грешка на ЕУ најавената посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Македонија, треба да се прифати како добар сигнал. Макрон не би дошол во Скопје со полоши вести од оние што ги соопшти во Брисел. Напротив, треба да се очекува дека Макрон има потреба да ни соопшти и нешто добро што ќе ја врати надежта за брз почеток на преговорите. Посетата треба да се подготви добро со силните аргументи што ги имаме и што ги виде и прифати цела Европа, треба да го пречекаме со достоинство и да го матираме со традиционалното наше гостопримство без грам сервилност. Имаме и ние многу нешта и од историски, но и од денешен актуелен аспект што да му кажеме на францускиот претседател и на Французите. Треба да си признаеме дека она што најмалку сме го сработиле во изминатите 30 години самостојност е што не ја поправивме лошата слика и предрасудите на Европејците, обичните граѓани, за Македонија и за нејзините жители, грда слика која се провлекува низ нивниот образовен процес и во колективното памтење од крајот на 19 и првата половина на 20 век и која главно ја создаде ВМРО во своите различни контроверзни историски периоди на меѓусебни убиства и атентати по европските градови. Денес доселениците од Македонија кои живеат и работат во европските градови и земјите членки на ЕУ се лојални и работливи граѓани со кои државите немаат проблеми. Податоците кажуваат дека Македонците во Европа се интегрирани во своите нови татковини и се полојални кон државата отколку староседелците. Тоа претседателот Макрон треба да го чуе со егзактни бројки овде во Скопје.

Како честитка до членовите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ кои се самопрогласија за наследници на ВМРО во чест на празникот 23 октомври го преобјавувам по десетти пат цитатот од сеќавањата на еден од најучените основачи на ВМРО 1893 година во Солун на конгресот одржан во неговата куќа, библиотекарот Иван Хаџи Николов. Еве што запишал тој во своите мемоари за ВМРО: „Мислата дека треба да се напише нешто за Револуционерната организација ми го облева срцето со крв. Да се пишува за една организација, која за резултат го има упропастувањето на Македонија, макар што тоа не е самата организација, туку Софија, со својот цар, со своите министри и генерали, со својата државна, а не националистичка политика, ја погреба Македонија и ѝ причини огромни жртви од луѓе и материјални блага, а јас пак се чувствувам како виновен за сите тие злосреќи, дека јас и моите другари станавме причина за револуционизирањето и во последица на тоа – погубувањето на Македонија и на Македонците. И јас му се чудам на македонскиот дух, како тие луѓе не нè убија со камења откако го согледаа грозниот и жалниот излез на нашата револуционерна иницијатива. Цела Македонија, како еден човек, со трогнувачка еднодушност тргна зад нас, ни ја даде сета своја поддршка и својата морална доверба, ние да го водиме кон ослободување, а излезе дека сме го воделе кон упропастување и кон ново, уште потешко ропство и при такви, дијаметрални противположни резултати пак да не нè обвинува, да не нè навредува, да не мрмори против нас – создавачите на Револуционерната организација и водачите, толку молчаливо и со полна покорност на својата судба да си го подземе глоготскиот крст тоа предизвикува во мене адмирација и велам: Македонци, вие не сте само херои, туку и светци. За вас сите жртви се заслужни“.

Подоцна под тежок товар на вина и на одговорност, притиснат од тешка болест, Иван Хаџи Николов си го одзема животот.

Тие што се сметаат за наследници на ВМРО, сместени денес во врвот на ВМРО-ДПМНЕ, пораката на Иван Хаџи Николов треба да ја читаат трипати на ден да го одбегнат повторното упропастувањето на Македонија и во 21 век.