Објавени плакатот и промотивното видео за СВП 2024


Во пресрет на годинешното издание на Струшките вечери на поезијата што ќе се одржи од 22 до 26 август, објавен е плакатот и промотивното видео.

Графичкиот дизајн на плакатот е дело на познатиот графички уметник и дизајнер од Струга, Енкел Дика, видео продукцијата е на ЗООТРОП студио, а музиката е фрагмет од Концертот на Аранхуез.

Плакатот и промотивното видео го илустрираат мотото на годинешното издание на Струшките вечери на поезија, ДОПИР НА УБАВИНАТА. Во описот на промотивното видео се истакнува:

Мотото на годинешниот фестивал е ДОПИР НА УБАВИНАТА.Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик кој овозможува контакт на човечкото битие со вишите сфери на Убавината, отелотворена во поезија. Но исто така, сакаме да оддадеме почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите лица преку тактилноста и рељефноста на Брајовото писмо преку допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата.

Оваа година, го имаме францускиот лауреат, истакнатиот поет Жан Пјер- СимеонПоетскиот портрет на лауреатот е на 24 август и според традицијата ќе се одржи во катедралната црква Св. Софија во Охрид.

 Повеќе од 25 странски поети од светот, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот на главните поетски читања.

Оваа година, во рамки на Програмата на фестивалот ќе бидат одбележани годишнините на тројца наши истакнати поети: 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски и 95 години од раѓањето на Матеја Матевски. Во рамки на одбележувањето, во соработка со Здружението на слепи лица на општина Велес, ќе биде издадено специјално издание со Брајово писмо, избор од антологиските песни на Петре М. Андреевски и Гане Тодоровски. Изборот го подготви професорката Кристина Николовска од катедрата за македоска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Во рамки на пригоден настан, „Декади поезија“, ќе бидат одбележани годишнините на живот и творештво на петмина истакнати македонски поети.

 Во рамки на Програмата, предвидени се портрети  на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ (годинешната добитничка е германската поетеса Катрин Пиц за нејзината дебитанска збирка „Вакви денови имало отсекогаш“), како и портретот на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, Катица Ќулавкова, за нејзината поетска збирка  „Небото ми е дома“ (Духовна поезија) Истакнатиот шведски поет Бенгт Берг ќе биде претставен со избор поезија. Оваа година, во рамки на Фестивалот ќе биде претставена и добитничката на возобновената награда „Млада Струга“, Филипа Сара Попова. Во рамки на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „ВЕРСОПОЛИС“, проект поддржан од Европската Комисија. СВП се дел од овој проект од 2014 година.

Во продолжение, ви го проследуваме линкот од официјалниот Youtube канал на Струшките вечери на поезијата со промотивното видео:

             https://youtu.be/AJgfBgJDCSI