Објавени документи за истрагата за претседателските избори во САД


САД– Министерството за правда на САД објави преглед на сослушувањата и е-поштата вклучени во истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер за наводно руско мешање во претседателските избори во 2016 година, по судска одлука од спор со Си-Ен-Ен и со „БузФид Њуз“.

Објавените документи на 500 страници вклучуваат разговори со Рик Гејтс, поранешниот заменик за изборната кампања на претседателот Доналд Трамп и со Стив Банон, поранешен претседателски советник.

Документите вклучуваат и кореспонденција преку е-пошта меѓу Банон и Џаред Кушнер, висок советник на Трамп и зет, како и „предлог за добивање“ и анализирање на е-пошта од поранешниот државен секретар и подоцна и противкандидат на претседателските избори, Хилари Клинтон.

Од документите е јасно дека на 10 април 2018 година, Гејтс им кажал на истражителите дека Манафорт за време на изборната кампања во 2016 година верувал дека хакерскиот напад врз Националниот комитет на Демократската партија на САД е веројатно извршен од Украинци, а не од Руси. Сојузниците на Трамп ја бранеа таа теорија за да ги поткопаат наодите од истрагата на Малер за руско мешање во изборите, но тогаш теоријата беше дискредитирана.

БузФид Њуз повикувајќи се на Законот за слобода на информирање побара да им се овозможи увид во сите документи поврзани со истрагата на поранешниот директор на ФБИ, Малер.