Објавена снимка од работниците затрупани при уривање тунел во изградба во Индија


Објавена е првата снимка од работниците затрупани при уривањето на тунел во изградба, долг 4,5 километри, што се случи на 12 ноември во индиската држава Утараканд.

На видео снимката, обезбедена од властите, во траење од 30 секунди може да се видат 41 работник кои носат шлемови, стојат во полукруг пред камерите и комуницираат со спасувачите.

Видеото е снимено со помош на медицинска ендоскопска камера која била вметната низ цевковод со дијаметар од 15 сантиметри.

Властите соопштија дека работниците се безбедни и дека имаат доволно светлина, кислород, храна, вода и лекови. Тие не соопштија што го предизвикало уривањето на тунелот, туку дека регионот е подложен на лизгање на земјиштето, земјотреси и поплави.

Акцијата за спасување ја успорува планинскиот терен.