Објавена листа на земји со најмногу робови: Во топ 10 Русија, Северна Кореја, Турција…


Северна Кореја, Еритреја и Мавританија имаат највисока преваленца на модерно ропство во светот, според Глобалниот индекс за ропство објавен во средата, кој забележа влошување на ситуацијата на глобално ниво од последното истражување пред пет години.

Во извештајот се проценува дека околу 50 милиони луѓе живееле во модерно ропство во 2021 година, што е зголемување за 10 милиони од 2016 година, кога последен пат беше измерен проблемот. Се проценува дека 28 милиони луѓе се на принудна работа, а 22 милиони живеат во принудни бракови.

Ропството значи систематско лишување од слободата на човекот
Ситуацијата се влошува, меѓу другото, поради „растечките и сè покомплексни вооружени конфликти, широко распространето уништување на животната средина“ и влијанието на пандемијата на корона вирус.

Извештајот, составен од хуманитарната организација за човекови права Walk Free, го дефинира модерното ропство како „принудна работа, принуден или ропски брак, должничко ропство, принудна комерцијална сексуална експлоатација, трговија со луѓе, практики слични на ропство и продажба и експлоатација на деца“.

Основниот принцип на ропството повлекува „систематско лишување од слободата на една личност“ – од правото на прифаќање или одбивање работа до слободата да се одлучи дали, кога и со кого да стапи во брак. Според оваа мерка, авторитарната Северна Кореја има највисока преваленца на модерно ропство (104,6 на 1.000 жители), се вели во извештајот.

Мавританија беше последната која го прогласи ропството за нелегално
По неа следат Еритреја (90,3) и Мавританија (32), која во 1981 година стана последната земја во светот која го прогласи  ропството за нелегално. Десетте земји со највисока распространетост на модерното ропство имаат некои заеднички карактеристики, вклучително и „ограничената заштита на граѓанските слободи и човековите права“.

Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Кувајт се исто така во првите десет во светот, каде работните права на мигрантите се ограничени. Други земји во првите десет се Турција, „која прима милиони бегалци од Сирија“, Таџикистан, Русија и Авганистан.