Објавена книгата „Таленти“ – колумни од опусот на новинарот Ристо Поповски
„Таленти“ на Ристо Поповски, едно од најпознатите новинарски имиња во Македонија, е книгата која излезе од печат во издание на „Силсонс“ од Скопје.Приредувач на книгата е сопругата на Ристо Поповски (1945-2018), театарската критичарка Лилјана Мазова, која финансиски го поддржа изданието во спомен на нејзиниот сопруг.
Книгата содржи над четириесетина колумни објавувани во периодот од 2011 до 2018 година, што претставува само дел од огромниот творечки опус на новинарот Поповски. Покрај колумните, во книгата е поместено интервју со Ристо Поповски, како претседател на Отворениот програмски совет на Цивил-медија, како и повеќе обраќања на познати новинари, писатели, актери – негови соработници и пријатели кои пишуваат за неговата исклучителна личност.
Поповски е основач на првата приватна новинска агенција на Балканот – „Макфакс“ и еден од иницијаторите за формирање на медиумската платформа на ЦИВИЛ – Центар за слобода. Познат е како голем поборник на слободата на изразувањето и медиумските слободи, демократијата и човековите права.
Новинарската кариера ја започнува во Радио Скопје каде работи во периодот од 1965 до 1974 година, а потоа продолжува во новинската агенција Танјуг, првин како новинар, а потоа и како шеф на македонската редакција. Бил дописник на Танјуг и од Москва (тогашен Советски сојуз) на почетокот на 90-те години од минатиот век. Кон крајот на 1992 година ја основа независната новинска агенција „Макфакс“. Поповски пишуваше за повеќе македонски медиуми, а редовно објавуваше коментари и за информативната мрежа „Ал Џезеира“.
Добитник е на наградата за животно дело „Крсте Мисирков“ на Здружението на новинарите на Македонија. Поповски е познат по својата скромност, добрина и солидарност.
Книгата „Таленти“ на Ристо Поповски е достапна во сите книжарници на „Матица“.