Објавен јавниот повик за општините за доделување 250 милиони евра


Министерството за локална самоуправа денеска го објави Јавниот повик за доделување  средства за финансирање на инфраструктурни проекти, во висина од 250 милиони евра, односно во првата фаза, до крајот на година, ќе се доделат  6 милијарди денари, од вкупно 15 милијарди денари за општините.

Општините може да аплицираат со еден или повеќе проекти на следниот линк 

– Задоволство ми е да најавам дека денес го објавуваме јавниот повик за финансирање на проекти од инфраструктурен карактер кој што е наменет за сите единици на локална самоуправа во висина од 6.000.000.000 денари, средства коишто се обезбедени согласно ребалансот на Буџетот. Општините можат да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, како и од областа на социјалната политика и образованието – рече министерот за локална самоуправа Златко Перински на денешната прес-конференција.

Јавниот повик е веќе отворен и објавен на веб страната на Министерството за локална самоуправа и на веб страната на Владата, и објавен во два печатени медиуми.

Рокот за пополнување на апликативниот формулар е 7 дена и истиот пополнет со предлог проекти од страна на општините треба да се достави до Министерството за локална самоуправа.

Потоа во рок од 10 дена, целосната проектна документација, од страна на општините, се доставува до ресорното министерство од областа на проектот, каде што ќе се врши и евалуација на истиот.

Евалуацијата се очекува да заврши во рок не подолг од 10 дена и врз основа на истата, ресорните министерства изготвуваат предлог одлука кои проекти ќе се финансираат од нивна област и таа предлог одлука се доставува на усвојување на Владина седница.

Средствата ќе се доделат преку 6-те ресорни министерства соодветни од областа на проектите и тоа:
-Министерството за култура и туризам;
-Министерството за транспорт;
-Министерството за социјална политика, демографија и млади;
-Министерството за образование и наука;
-Министерството за животна средина и просторно планирање и
-Министерството за спорт

За следење на целиот процес, формирано е владино координативно тело, кое што ќе го предводи Министерството за локална самоуправа и во истото ќе членуваат претставници од сите ресорни министерства.

– Единиците на локалната самоуправа имаат можност да ја унапредат својата инфраструктура и на тој начин директно да влијаат во подобрување на квалитетот на живот на нивните граѓани – рече Перински.

Право да поднесуваат апликации и предлог – проекти имаат општините, општините во градот Скопје и градот Скопје.

– Испраќам на апел што е можно повеќе општини, независно од политичката провиниенција на градоначалниците да учествуваат во овој повик – рече премиерот Христијан Мицкоски. – Ние сме Влада на сите граѓани, и нашата цел е да се подобри животот на сите граѓани. Овие пари значат повеќе проекти и решенија за граѓаните за нови улици, булевари, училишта, градинки, водоводи, канализации, сѐ она што в суштина им е потребно на граѓаните. Ова е прв ваков проект од толку обемен карактер за инфраструктурен развој на општините во историјата. 250 милиони евра од централниот буџет за вистинските потреби на граѓаните.


Додаде дека во минатото се правеле инфраструктурни проекти во главниот град, но никогаш секаде и за сите општини во толку голем обем како што е замислата со овие 250 милиони евра и свесен сум дека голем дел од општините се соочуваат со вистински потреби за развој на инфраструктурни проекти и капитални инвестиции.

Појасни дека до крајот на оваа година со овој јавен повик на располагање за општините се ставаат 6 милијарди денари, и ова е првата фаза од вкупно 15 милијарди денари или 250 милиони евра за капитални проекти.

– Одблиску ќе ја следам реализацијата на проектите, а процесот ќе биде целосно транспарентен и достапен на увид на целата јавност – вети Мицкоски.

Во продолжение прочитајте го јавниот повик:

ПРЕДМЕТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК
Предмет на овој јавен повик е изразување на интерес за доделување на средства за финансирање на инфраструктурни проекти од Потрограмата АА и поднесување на предлог-проекти, врз основа на претходно утврдени критериуми и процедури на Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за образование и наука, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за спорт и Министерството за култура и туризам, објавени на нивните веб-страни.

Целта на овој отворен јавен повик е да се доделат средства на општините за проекти со чија реализација ќе се придонесе за унапредување на инфраструктурата на локално ниво со директен импакт врз зголемување на економскиот раст, развојот во општините и зголемување на квалитетот на животот на граѓаните.

ИЗНОС НА СРЕДСТВА
Вкупниот износ на средства за финансирање на проекти, согласно овој повик е утврден на 6.000.000.000 денари.

Средствата од Точка 2 став(1) ќе се користат врз основа на донесена одлука на Владата на Република Северна Македонија, на предлог на надлежното министерство во соработка со Министерството за локална самоуправа , согласно член 32-а, член 33-а, член 37-а, член 45-а, член 46-а и член 46-б од Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Макеоднија“ бр. 283/23 и 169/24) и согласно член 8 став 5 од Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа (,,Службен весник на Република Македонија” бр.61/04, 96/04, 67/07, 156/09, 47/11, 192/15 и 209/18 и ,,Службен Весник на Репубика Северна Македонија”, бр.244/19, 53-/21, 77/21, 150/21, 173/22 и 170/24 година).

KОРИСНИЦИ НА СРЕДСТВАТА
Право да поднесуваат апликации и предлог – проекти имаат општините, општините во градот Скопје и градот Скопје.

Се повикуваат заинтересираните корисници, како двигатели и носители на потребните промени во економските, социјалните и други развојни активности да ги достават своите апликации и предлог-проекти, во согласност со утврдените критериуми за финансирање на проекти, од точката 1 од овој Јавен повик.

НАЧИН И РОК ЗА АПЛИЦИРАЊЕ
Заинтересираните корисници ги поднесуваат апликативните формулари (линк) до Министерството за локална самоуправа – Комисија за постапување по овој јавен повик, во рок од 7 (седум) дена од денот на објавување на овој повик.

Комисијата врши прибирање на апликативните формулари кои што заинтересираните корисници ги доставуваат до Министерство за локална самоуправа.

Комплетната проектна документација по однос на апликативниот формулар, заинтересираните корисници потребно е да ја достават до надлежното министерство во рок 10 дена од денот на доставување на апликативниот формулар до Министерството за локална самоуправа.

Апликациите за финансирање на Предлог–проекти треба да се достават во печатена и електронска форма до Министерството за локална самоуправа, булевар ,,Св. Кирил и Методиј’’ бр. 54, Скопје, во два оригинал формулари за аплицирање (преземен од веб сајтот www.mls.gov.mk).

Комплетната проектна документација треба да се достави до надлежното министерство во печатена и електронска форма.

Овој Јавен повик се објавува на веб страната на Министерството за локална самоуправа и во два дневни весници (еден на македонски и еден на албански јазик).