Обилните врнежи предизвикаа поплави и одрони во повеќе општини
Обилните врнежи предизвикаа проблеми во повеќе општини низ Македонија, информираат утрово од Центарот за управување со кризи.
Во Крушево, водата за пиење е заматена, па се препорачува таа задолжително да се преврива најмалку 10 минути пред употреба. Нивото на Црна Река кај селото Бучин е покачено, но водата се повлекла од местата на излевање, а екипите работат на зајакнување на насипите.
Во Битола, во населбата Стрчин се отстрануваат наноси од чакал, додека во селата Кравари, Жабени и Породин има поплавени земјоделски површини поради излевање на Жабјанска и Елешка река, иако водостоите се во опаѓање.
Во Ресен штетите се посериозни – поплавени се куќи, дворови и магацини со јаболка, но нивото на Голема Река е веќе значително намалено.
Во Демир Хисар, локалниот пат кон селото Мренога е затворен поради оштетен мост на Боишка река, а во Прилеп, поплавени се дворови и оштетен е тутун во селата Лажани и Пешталево поради неисчистени канали.
Во Кочани и Штип, регистрирано е излевање на Оризарска река кај село Грдовци, каде се интервенира со механизација, а од понеделник ќе започне чистење на коритото. Сообраќајот Кочани–Грдовци е нормализиран.
Во Тетово, иако патот кон Бање е исчистен, сообраќајот останува забранет од безбедносни причини.