Оаза на параноја: Странските работници станаа терористи, ФРОНТЕКС ќе тепал и убивал низ Македонија
Македонија се претвора во оаза на параноја – зад секоја одлука или политика се јавуваат куп драматизирања кои водат до заклучок дека само комплетна неработа може да нѐ спаси од оваа состојба. Два такви примера се заплашувањата на Алексансдар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ и Јанко Бачев од Единствена Македонија околу договорот со „Бехтел и Енка“ и стартот на мисијата ФРОНТЕКС, која функционира во цела Европа и чија задача е да ја контролира имиграцијата.
Па така, Николоски освен што предупреди дека во договорот за изградба на коридорите стоело дека 70 отсто од работниците ќе се донесат од странство, а само 30 отсто од Македонија, практично сугерира дека нема гаранции дека некои од увезените ќе бидат тука не за да градат, туку заради тероризам. Според него, во Макодонија можно е да не дојдат работници туку членови на Ал Каеда, иако „Бехтел и Енка“ не регрутираат работници на фронт, туку преку градежни компании.
„Премиерот лаже дека најмалку 51 отсто ќе бидат домашни работници. Пред мене ги имам точните податоци по година и по класификација на работници, каде што јасно може да се види дека 70 отсто ќе бидат странци. Уште поголем проблем е што за сега некој да дојде да работи во Македонија треба да добие работна дозвола и дозвола за престој. Само за работниците на автопатиштата на ‘Бехтел и Енка’“ ова нема да важи, односно тие ќе можат да работат првиот ден откако ќе стапнат на македонско тло, додека ги чекаат соодветните работни дозволи и виза. А, тоа значи дека можеби и нема да ги добијат. Затоа што е можно некој што има нечесни работи кон државата од безбедносен аспект, на пример. Истиот да се инфилтрира во државата, да работи шест месеци и по шест месеци, барањето за работна дозвола да му биде одбиено. А, во тие шест месеци можеме само да сонуваме какви проблеми тоа лице ќе направи, тврди Николоски.
Јанко Бачев, пак, соработката на Македонија со ФРОНТЕКС, која стана олку битна пред сѐ зашто со договорот македонскиот јазик за првпат официјално се внесе во ЕУ, безмалку ја престави како странска полициска окупација на државата, предупредувајќи дека членовите на мисијата во Македонија ќе можат да тепаат, пукаат и да убиваат наши граѓани, а за тоа нема да одговараат бидејќи имаат имунитет.
„Денес марионетската власт во Скопје на помпезна свеченост бомбастично го најави официјалниот почеток на заедничката операција ФРОНТЕКС и доаѓањето и распоредувањето на странски полициски службеници, патролни возила и специјална опрема на територијата на Република Македонија. По тој повод, Единствена Македонија апелира до народот од денес да биде внимателен до доаѓањето на новата народна власт. Според Договорот за ФРОНТЕКС странски полицајци наоружани ќе вршат контроли по Македонија. Ќе имаат канцеларии по Македонија и можат да користат податоци за секој од нас од македонската база на податоци. И најстрашното: овие параполициски сили со договорот уживаат целосен имунитет од кривична постапка. Во превод, ова значи дека може да пукаат, убиваат, да тепаат… и нема да одговараат пред македонските органи, а единствената ‘казна’ е да бидат вратени во нивните матични земји.
Единствена Македонија потсетува дека вакви дрогирани и пијани странски сили со високи плати кои своевремено правеа лом по Македонија убија дури и македонски министер, а немаше одговорност. Поточно, целата одговорност за убиството на министерот, неговата сопруга и ќерка беше враќањето на сторителот во неговата матична земја каде беше осуден на условна казна“, порача Бачев алудирајќи на присуството на странските војници од една од мисиите на ОН и НАТО.