О2: Во Буџетот нема пари ни за чист воздух, ни за менаџирање со отпад


Загаден Вардар (Фото: Б. Грданоски)

 

Иницијативата О2 реагира на ставката во буџетот за животна средина во висина од 103 милиони евра која, иако е најголем досега, ќе се троши на инфраструктурни проекти кои од ресорот транспорт се префрлени тука и „прекрстени како животна средина“.

„Место  буџетот да биде дупло поголем, поголемиот дел од средствата за издвоени за оваа намена ќе отидат одат на комунална инфраструктура, изградба на водовод и фекални канализации, нешто што општините треба да го реализираат. Кои се главните црти на Буџетот за 2025 од аспект на заштита на животна средина?
 – 1.36% се планирани за заштита на животна средина, односно €103,4 милиони, рекордно до сега. Средствата, иако се голем исчекор од минатото, особено во споредба со годините пред 2024 година, се малку во однос на собраните даноци за животна средина и би требало да се дупло повеќе.
– 90% од средствата на министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), односно €77,8 милиони се наменети за капитални расходи.
– Во август оваа година со ребалансот на Буџетот за 2024, за прв пат се воведе нова владина потпрограма, инфраструктурни проекти во општините, во програмата децентрализација. Ова продолжува и во 2025 година. За добивање на овие средства општините треба да аплицираат со проекти до надлежните министерства. Од МЖСПП за оваа намена се одвоија €9,9 милиони во 2024, а за 2025 се планирани €7,8 милиони. Наша претпоставка е дека овие проекти во најголема мера ќе бидат за изградба на водовод и канализација. 

Тука доаѓаме до главниот проблем со овој буџет, иако најголем до сега за заштита на животна средина. Најголем дел од средствата одат на комунална инфраструктура, изградба на водовод и фекални канализации, нешто што општините треба да го реализираат. Во минатото овие изградби помогнати од централниот буџет беа дел од министерството за транспорт, а сега се бројат како заштита на животната средина“, се вели во соопштението.

Од О2 иницијатава велат дека конкретни мерки за намалување на аерозагадувањето нема иако во Македонија годишно има над 3800 смртни случаи.

 „ Аерозагадувањето –  Во Македонија годишно има над 3.800 смртни случаи поради загадувањето со PM2.5, што е 17.7% од вкупната смртност во државата. Секој 9ти смртен случај кај новороденчињата е поврзан со загаден воздух.  Средства за конкретни мерки кои ќе го намалат аерозагадувањето не најдовме во буџетот за 2025. НЕМА средства за намалување на загадувањето од начинот на греење на јавните установи, домаќинствата, сообраќајот. Министерот за здравство Таравари изјави дека 10 болници во текот на 2025 ќе го променат начинот на греење, но средства за оваа намена НЕМА во буџетот. НЕМА доволно средства за купување на мерни инструменти за континуирано работење на мониторинг станиците за квалитет на воздух. Во моментов 29 инструменти не работат. Секоја година се повторува истото сценарио, нема доволно резервни инструменти на лагер за да се заменат старите и тие што се расипуваат. Континуиран мониторинг на квалитетот на воздухот е неопходен за да се прати аерозагадувањето, преземат мерки при негово надминување и извршат потребните анализи“, посочуваат од О2.

Од таму посочуваат дека нема средства ниту за управувањето со отпад ниту пак стандардизирање на најголемата депонија во државата Дрисла.

„Управувањето со отпад – процесот на воспоставување на системи за управување со отпад за сите 7 плански региони, со депонии во Мечкуевци, Русино, Мегленци и Доброшинци е започнат од претходната влада со обезбедување на средства од ИПА, Швајцарска влада и ЕБОР и е во различна фаза за секоја од овие депонии/плански региони. Но, за скопскиот плански регион државата НЕМА предвидено средства за стандардизирање на Дрисла и развивање на системот за управување со отпад, иако овој регион учествува со 46% од БДП (2022 година). Нашите предлози за амандмани се наменети за скопскиот плански регион и Дрисла, каде е потребно сериозно вложување за да се добие еден современ одржлив центар за управување со отпад, кој жителите го заслужуваат со учество во скоро половина од БДПто на државава“, се вели во соопштението.

Исто така од О2 иницијативата посочуваат дека за гасификација се предвидени само 1.8 милиони евр, но дека пари нема ниту за чистење на неколку депонии низ Македонија.

„Во однос на овозможување на индустријата да го замени јагленот, мазутот и слично со гас, потребно е да се донесе гасот до неа. За гасификација предвидени се САМО €1,8 милиони. Средства за најавените когенеративни централи на гас исто НЕМА во буџетот. Загадена почва и подземни води – од жешките точки, започнато е чистењето на Охис од претходната влада, но оди многу побавно од предвиденото. Потребно е мобилизрање на средства за чистење на големата депонија и Пеленица. Давање на концесионири за чистење на Лојане, згурата од топилница Велес, не даде со резултат и потребно е државата да вложи и ги исчисти овие жешки точки на најсоодветен начин во најбрз можен рок. Исто и со депонијата на Југохром, од која водата од Рашче е загрозена и другите жешки точки. Средства за оваа намена во буџетот за 2025 НЕМА“, посочуваат од О2 иницијатива