Времето најголемиот сојузник на Јанева: Бидете трпеливи, ќе има судење


Фото; Б. Грданоски

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева влезе и излезе како сведок од кај својата колешка, шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска. Десетици новинарски екипи ја чекаа за да одговори на многубројните прашања што се отворија по аферата „Рекет“ и снимките што беа објавени во италијанскиот весник на кои се гледа како довчерашниот пријател на Јанева, Бојан Јовановски – Боки 13 и осомничениот во една од истрагите од СЈО договараат слобода за бизнисменот Орце Камчев за милион евра. Во овие снимки се слуша и гласот на Јанева, која му вели на Камчев дека „сè ќе биде ок“. По овие снимки и многубројните шпекулации дека Јанева од Обвинителството ќе излезе како осомничена, сепак, таа порача дека останува специјален јавен обвинител, а изјава дава во својство на сведок. Во соопштението по снимките Јанева индиректно потврди дека гласот на нив е нејзин и порача дека обвинител е секогаш обвинител, па дури и кога разговара со Орце Камчев. Вчера, пак, пред новинарите рече дека не може да каже дали гласот на снимките бил нејзин, но порача дека многу повеќе ќе се дознае на судењето за овој случај.

„Мора да бидете трпеливи, тоа не можам сега да го кажам бидејќи ова е истрага. Треба да знаете дека во истрага не се споделуваат информации. Ќе има веројатно, се надевам, судење, се надевам ќе бидете присутни, ќе се гледаме уште“, рече Јанева.

Специјалната јавна обвинителка не се чувствува виновна, но не знае како понатаму ќе се одвива истрагата со оглед на тоа дека друго обвинителство и друга обвинителка го водат случајот. На прашањето зошто наредила да се направат спогодби со осомничените за случајот „Империја“ и „Поштенска банка“, тие да ја платат штетата на државата и да не одат во затвор, Јанева се насмевна и кратко рече „Има време, и тоа ќе се објасни“. Таа вели дека не знае дали во оваа афера е инволвиран и некој политичар, односно дали некој од владејачката партија зел од милионите на Камчев. Иако Обвинителството соопшти дека вториот телефон, за кој Јанева првично тврдеше дека и е изгубен, е форматиран и нема ништо во него, Јанева вели дека нејзините два телефони се анализираат и дека ниту еден телефон не го форматирала, туку имала трет телефон кој ѝ бил изгубен.

Сепак, специјалната јавна обвинителка не знае каде е првоосомничениот во случајот „Империја“, кому по нејзин налог му беше издаден времен пасош за да оди во странство и да учествува на некој управен одбор и да се доедуцира, но вели дека тој останува првоосомничен во овој случај. Истовремено ѝ беа поставени две новинарски прашања на кои таа одговори „да“. Дека Камчев останува осомничен во случајот „Империја“, одговор кој се совпадна и со прашањето „Дали знаете каде се парите?“ Одговорот најверојатно не се однесуваше за парите.

Јанева пристигна на распит во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција неколку минути по десет часот, со службено возило на Специјалното јавно обвинителство. Излезе од автомобилот со очила за сонце, а новинарите ја пречекаа со десетици микрофони. Јанева подготвена за новинарскиот интерес, на првото новинарско прашање „Како од најголема надеж за правда, стигнавте до овде?“, застана пред камерите и даде кратка изјава, но не одговори на ниту едно новинарско прашање.

„Јас сум сè уште специјален јавен обвинител. Моите колеги имаат целосно овластување да ги застапуваат предметите пред суд. Се надевам дека ќе имаме повеќе разрешници оваа есен. Се надевам дека со моите аргументи и со мојата изјава ќе ја забрзам истрагата“, рече кусо Јанева и влезе во зградата на Обвинителството.

Таму, пред врата, ја чекаше адвокатот Стеван Павлески кој дојде пред неа. Срдечно се поздравија и двајцата се качија на распит кај шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал Вилма Русковска. Од сите сведоци што досега беа повикани во Обвинителството, меѓу кои беа и обвинителките Елизабета Јосифовска и Лиле Стефанова, единствено Јанева отиде на распит со адвокат. Иако правните теории беа дека за да отиде Јанева на распит со адвокат треба или да биде осомничена или оштетена, од Обвинителството велат дека Јанева како сведок има право да дојде на распит со адвокат.

„Не е забрането, можам да одам со адвокат. Имам правни консултанти секогаш“, рече Јанева.

Но вниманието на новинарите го привлече тоа што Павлески му беше адвокат на еден од осомничените во случајот „Империја“, Цветан Панделевски. Неговото име беше споменато и во соопштението на обвинителката Лиле Стефанова која го води предметот „Империја“. Во него Стефанова тврди дека иако таа не се согласувала, Јанева дала согласност да му биде даден времен пасош на Панделевски.

Распитот на Јанева се случува повеќе од еден месец по апсењето на Бојан Јовановски и Зоран Милески, кои засега се единствени осомничени за „Рекет“. Истиот ден Јанева си даде оставка, а откако беше јасно дека и таа е вмешана, обвинителката замина на боледување. Ѝ беше одземен едниот телефон, а другиот, според информациите од Обвинителството, рекла дека го изгубила, а потоа беше најден, но бил избришан. По една недела од оставката и боледувањето, Јанева се појави на прес-конференција во јавноста и рече дека била злоупотребена, а за неа Боки 13, со кој често се фотографираше, стана лицето Бојан Јовановски. По објавените снимки, таа пак се огласуваше во јавноста со соопштение.

„Како специјален јавен обвинител моја обврска е да контактирам со сите осомничени, како и со други лица во врска со кривичните постапки кои се водат во ова јавно обвинителство и од сите нив да се обидам да извлечам што поголем број информации за да ја подобрам позицијата во контекст на осомничените за секоја истрага поединечно. Сум разговарала за зголемување на степенот на соработка со осомничените, за откривање нови сознанија во корист на истрагата, поточно, за подобрување на нашите позиции како јавни обвинители, но во никој случај и во ниеден момент не сум тргувала со никакво влијание, не сум ја злоупотребила својата функција и не сум постапувала спротивно на законот. Обвинител е секогаш обвинител, па и кога разговара со осомничени по телефон, а за ваква изјава во тој момент имаше оправдана причина“, напиша Јанева. За Камчев тврдеше дека преговарала да стане сведок во друга предистрага.

Минатата недела на распит како сведоци беа повикани обвинителите Стефанова и обвинителот кој го води случајот „Поштенска банка“, Бурим Рустеми. Завчера од затворот во Шутка на распит беше донесен и осомничениот Кичеец, а Боки 13 сè уште не дал исказ во Обвинителството.

Катица Јанева останува на врвот на СЈО сè додека партиите не се усогласат и сè додека не биде донесе новиот закон за јавно обвинителство, а официјално нејзиниот мандат истекува за повеќе од дваесет дена.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Фото: Б. Грданоски