Криминалот во сенка на обвинителите
Судските процеси што ги води Специјалното јавно обвинителство продолжија по судската ферија. Неделава имаше неколку рочишта за „Титаник“ за изборните нерегуларности што ги правеле функционерите од поранешната власт, и рочиште за ТНТ. Но, по аферата со милионите во која се споменува и името на специјалната обвинителка Катица Јанева, криминалите на претходната власт ги потиснаа изјавите на обвинителите кои веќе почнаа да одат на распит во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за да кажат што знаат за вмешаноста на нивната шефица во аферата.
Случаите на СЈО ги засенија и кавгите меѓу обвинителите кои испливаа во јавноста откако обвинителката Фатиме Фетаи соопшти дека Јанева наредила претрес на сите што влегуваат и излегуваат во СЈО. Од прес-службата на СЈО остануваат на ставот дека немало издадено наредба за претрес, а истото го тврди и Катица Јанева. „Не е точно дека сум издала таква наредба, се работи за недоразбирање. Не сум расположена за повеќе разговор“, изјавила Јанева за „А1он“.
Вчерашното рочиште за случајот „Титаник“ се одложи бидејќи судијата Огнен Ставрев е на боледување, но новинарите не испуштија да ја прашаат обвинителката во овој случај, Лиле Стефанова, дали нејзината шефица требало да комуницира со првоосомничениот во случајот „Империја“, Орце Камчев. Додека новинарите ја бркаа Стефанова со камерите, успеаја да извлечат само кратки одговори од обвинителката.
„Катица ќе ја прашате за сè. Јас не сум експерт за криминал, јас сум експерт против криминал. Прашајте ја Катица, тоа се нејзини методи“, изјави Стефанова. Таа завчера не била работа во Специјалното јавно обвинителство, не знае дали е точно дека се правеле претреси. Сепак вели дека нема да дозволи никој да ја претресува при влезот на СЈО.
Таму завчера не бил ниту обвинителот Бурим Рустеми. Тој потврди дека неговата стручна соработничка му донела документи за случајот ТНТ во судот, но вели дека тие документи му биле потребни за судењето и во нив немало никакви доверливи документи. Рустеми вчера на пладне беше на распит во Обвинителството за гонење организиран криминал како обвинител во случајот „Поштенска банка“. За разлика од неговата колешка, Стефанова која даваше исказ пет часа, неговото сведочење беше пократко, но пред медиумите не соопшти детали.
„Дадов изјава во својство на сведок во случајот ‘Рекет’ во врска со прашања поврзани со истрагата ‘Поштенска банка’, таа истрага јас ја водам во СЈО. Одговорив на сите прашања за кои се интересираше обвинителката, ги дадов сите информации. Ја кажав вистината и сметам дека мојот исказ ќе придонесе за развој на истрагата, во делот на настаните поврзани со предметот ‘Поштенска банка’“, изјави Рустеми.
Неговото име беше споменато во соопштението на обвинителката Стефанова, која тврди дека Јанева им наредила да ги затворат истрагите за случите за „Империја“ и „Поштенска банка“, да ја пресметаат штетата, а осомничените да не одат во затвор. Рустеми сепак беше воздржан и не сакаше да зборува за заканите на шефицата на колегиумот кој се одржал во понеделникот.
„Јас нема да откривам детали од тоа заедничко пиење кафе на колегиумот со Јанева. Можам да кажам само дека јас лично не почувствував закана или влијание од некого за што да кажам или што да не кажам во денешното сведочење во истрагата ’Рекет‘“, рече Рустеми.
Тој е трет обвинител кој се појави како сведок во Обвинителството. Прва исказ даде заменичката Јанева, Елизабета Јосифоска, која по налог на Јанева го потпишала решението за да му биде вратен пасошот на Орце Камчев, а втора беше Стефанова.
Обвинителката Ленче Ристоска, која е во Шкотска, на Фејсбук напиша „Со панично движење, подлабоко се тоне во жив песок“ и објавата сите ја поврзаа со последните случувања.
По нивните искази во вторник конечно Јанева ќе се соочи со нејзината колешка Вилма Русковска и ќе треба да објасни зошто комуницирала со првоосомничениот во „Империја“, Камчев, во посредство на Бојан Јовановски – Боки 13 и го убедувала дека „сè ќе биде ок“. Во вторник најверојатно ќе се знае дали Јанева ќе добие статус на осомничена или ќе остане само оцрнета. По нејзиниот исказ, се очекува и проширување на истрагата за случајот „Рекет“, за кој засега единствено осомничени се Боки 13 и Зоран Милески – Кичеец.
Тие се сомничат дека зеле 1,5 милион евра од бизнисменот Орце Камчев и му ветиле дека преку Јанева ќе издејствуваат слобода. По отворањето на истрагата, во италијански весник беа објавени снимки од примопредавањето на парите и разговори на осомничените со сведокот.
Во меѓувреме Јанева останува на чело на Специјалното јавно обвинителство и редовно оди на работа. Таа поднесе оставка, но официјално си заминува откако ќе биде донесен законот за јавно обвинителство. (Ф.Ф.С.)