Јади, моли се, сакај


ЛЕЈЛА САБИТ

Не изгледаме сите кaко Џулија Робертс, ама ја повторуваме оваа мантра од истоимениот хит филм од 2010 (Eat, Pray, Love) , дома, во услови на (само) изолација за спас на човештвото и планетата.

Јади, моли се, сакај или јади, пиј спиј, како што ви е поубаво. Седењето дома на многумина им добредојде, ама не во вакви услови на страв, преплашеност и паника, и прашањето што виси во воздухот-како ќе изгледа нашата иднина. Дали ќе останеме и понатаму себични, алчни, самобендисани, незаинтересирани за другите освен за себе, или ќе станеме луѓе, ќе се почитуваме и сакаме и ќе си помагаме во добро или во лошо.

Епидемијата не тера на самоиспитување, кој сме и до каде стигнавме, бевме ли добри или лоши, среќни или несреќни.

Дали одговорот се крие меѓу четири ѕида или како Џулија Робертс од филмот, треба да го пропатуваме светот за да го најдеме одговорот и исполнетоста, а зошто да не и животниот партнер.

Карантинот не потсетува колку материјалистичко  стана нашето општество и како, во ова време на тешкотии, сфаќаме дека ни се најважни храната, водата и лековите, наспроти луксузот кој понекогаш непотребно го вреднуваме. Кој сега мисли на мода, на нови чевли или нова чанта.

Кога времињата се лоши, најважно е да бидете здрави и да ја имате поддршката од другите. Тогаш можеме да преживееме и со малку. Мислам дека е тоа важна лекција. Бидете благодарни за она што го имате и бидете подготвени тоа да го поделите кога ќе дојде време.

Иако можеби изгледа дека светот во моментов зборува само за една тема, присилната изолација за многумина може да биде одлична можност да се одморат од вестите. Што е тоа за што секогаш ви недостига време? Градинарство, готвење, сложувалки, шиење, медитација, читање на сите оние подзаборавени книги?
Сега е одлично време за сите нешта, или барем за дел од нив- што и да ве прави среќни.
Конечно, водете се од советот на СЗО: „Искористете ги како поука тешките ситуации од минатото кои сте успеале да ги надминете“.