Премиера на филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во кино „Милениум“
Градското кино „Милениум“ на 15 март ќе биде домаќин на македонската премиера на филмот на Теона Стругар Митевска „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, кој беше единствен наш претставник во официјалната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал. Ова остварување веќе ја освои светската филмска критика и доби две престижни награди на реномираната манифестација: наградата „Екуменикал“ и Еснафската филмска награда. На премиерата во „Милениум“, режисерката Стругар Митевска ќе има и свое обраќање пред скопската публика.
Првата награда, наградата „Екуменикал“, се доделува за да се оддаде почит кон оние уметнички дела што сведочат за моќта на филмот во откривањето на мистериозните длабочини на човекот. Втората награда со која се закити нашиот претставник е Еснафската филмска награда, која ја доделуваат членови на жири-комисија кои се дел од Асоцијацијата на германската уметничка кинематографија „Кино Гилде“, а воедно се и менаџери на арт-кина.
Пофалните зборови за овој македонски филм не застанаа тука. Одличен одѕив од публиката и критиката на годинешното издание на „Берлиналето“ имаше и главната актерка Зорица Нушева. Во филмот се појавуваат и Стефан Вуисиќ, Петар Мирчевски, Симеон Мони Дамевски.
Билетите за македонската премиера чинат 150 денари.