OКТА додели рефлектирачки приврзоци за првачиња во Скопје


Компанијата ОКТА започна акција за доделување рефлектирачки приврзоци на сите првачиња на територијата на Скопје. Донацијата стартуваше од ОУ „Кочо Рацин”, а ќе продолжи во преостанатите 75 основни училишта со што ќе бидат опфатени речиси 7.000 првачиња во вкупно 10 општини.

 Активноста е дел од кампањата за поголема безбедност во сообраќајот, „Јас внимавам“, којашто компанијата втора година по ред ја спроведува во соработка со Министерството за внатрешни работи. Оваа донација е потврда за грижата и придонесот на ОКТА за безбедно движење на децата како најранлива категорија учесници во сообраќајот.– И оваа година безбедноста во сообраќајот е една од главните теми на кои е посветена општествено одговорната стратегија на ОКТА. Ние како компанија сакаме да придонесеме за позитивни промени на подолг рок, токму затоа сме постојано насочени кон изнаоѓање нови начини како да помогнеме кон создавањето што побезбедни улици. Имајќи предвид дека децата се најранливата категорија учесници во сообраќајот, годинава продолжуваме со активности кои повторно во фокусот ги имаат токму најмладите. Веруваме дека со употребата на овие рефлектирачи приврзоци, ќе придонесеме за нивна поголема видливост, а со тоа и поголема безбедност додека учествуваат во сообраќајот – изјави Марија Ставрева, менаџер за корпоративна општествена одговорност и комуникации во ОКТА.

Креативните рефлектирачките приврзоци лесно може да се аплицираат на облеката или на ранецот на децата, а со тоа да придонесат за нивна поголема видливост ноќно време. Светските истражувања покажуваат дека носењето рефлектирачки елементи ноќно време за пет пати ја зголемува видливоста на пешаците.

Националната кампања „Јас внимавам“, целејќи кон создавање побезбедни сообраќајници, досега има спроведено повеќе активности преку кои ги потсетува и едуцира граѓаните за последиците од непочитувањето на сообраќајните правила и прописи. Серија активности беа посветени на најчесто прекршуваните сообраќајни правила и прописи, со што се апелираше дека нивното почитување е клучно за безбедноста во сообраќајот. Покрај тоа, кампањата преку донации на сообраќајни полигони во основните училишта ги едуцираше најмладите учесници за основните правила и како безбедно да се движат низ градските улици. За овие активности, кампањата „Јас внимавам“ минатата година ја доби наградата Најдобра национална општествено одговорна практика во категоријата вложување во заедницата кај големите компании.