Нуредини за МИА: Финансирањето е клучот за остварување на климатските цели за земјите во развој


Земјите во развој како што е Северна Македонија, треба да ги постават своите митигациски цели, но финансирањето е клучот во остварување на овие таргети, вели во интервју за МИА, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, кој учествува на Конференцијата на ОН за климатски промени (КОП26).

Во услови на драстични предупредувања од научната заедница за ескалација на климатската криза, КОП26 почна на 31 октомври во шкотскиот град Глазгов. На покана на Обединетите нации, владини претставници од околу 200 земји во текот на две недели ќе разговараат за начините на кои човештвото сè уште може да го задржи забрзаното глобално затоплување на некое толерантно ниво. Се очекува присуство на околу 25.000 лица, вклучително и илјадници новинари и активисти за заштита на климата.

Нуредини во интервјуто за МИА нагласува дека на овој настан можеби првпат поголемите земји и развиените економии истапиле со поконкретни заложби, а фактот дека САД се вратиле на преговарачката маса и одлучноста што ја покажуваат да бидат дел од решението, како што нагласи тој, се охрабрувачки.

– Иако земјите во развој како нашата исто така треба да ги постават своите митигациски цели, финансирањето е клучот за остварување на овие таргети. До крајот на преговорите очекувам да се постигне конечен договор за овој сегмент, како и операционализација на обврските од Договорот од Париз, посебно во делот на транспарентноста. Неизбежно е да се утврди методот за соработка и придонес на владиниот, бизнис, научниот и граѓанскиот сектор. Потребно е и адаптацијата да го добие третманот, како и аспектот на митигација. И секако, да се зголемат националните митигациски цели за да се постигне глобалната цел за ненадминување на глобалното затоплување за два Целзиусови степени, вели Нуредини за МИА.


За тоа во кои сегменти Северна Македонија ќе биде повидливо застапена, Нуредини напомена дека веќе ги презентурале анализите за влијанијата на климатските промени врз културното наследство, на покана на грчката Влада.

Планирано е и учество во презентацијата на Алијансата за напуштање на јагленот, а заедно со Министерството за образование и наука ќе бидат презентирани заедничките активности за вградување на климатските промени во образовниот процес.

– Со оглед на тоа дека со нашиот национално определен придонес се заложивме за енергетска и праведна транзиција, како и затворање на РЕК „Битола“ најдоцна до 2030, поканети сме и на дискусиите на Енергетската заедница. А нашата земја ќе биде исто и домаќин на посебен меѓународен настан во рамките на придружната програма, каде ќе биде отворена дискусија за споделување на искуства и изнаоѓање на вистинските методи за решавање на климатската криза, заедно со сите чинители во општеството, нагласи Нуредини.