Нуредини на средба со високи меѓународни претставници за еколошките предизвици
Во рамки на CBD#COP15, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини оствари низа билатерални средби со високи претставници на меѓународните организации UNECE, IUCN и UNEP на кои се зборуваше за тековните заеднички активности и за можните области за продолжување и проширување на поддршката што истите ја пружаат на нашата држава во областа животна средина, информираат од Министерство за животна средина и просторно планирање .
-На средбата со Олга Алгаерова, генерален потсекретар на Обединетите Нации и извршен секретар на UNECE, се разговараше за повеќе теми од областа животна средина. Во однос на управувањето со води се даде осврт на активностите за имплементацијата на Конвенцијата за води на UNECE, при што Алгаерова ги истакна успешно реализираните активност во Дримскиот речен слив, како и генерално добрата и успешна соработка во управувањето со водите, но од двете страни беше акцентирана потребата од силна заложба на националните власти за усвојување на сите протоколи за води, соопштуваат од министерството.
Двајцата соговорници разговарале и за потребата од ратификација на амандманите од ЕСПО Конвенцијата, како и потребата да се номинира дополнително лице ЕСПО, а се направи осврт и на аерозагадувањето и главните извори на загадување. Министерот Нуредини ги истакнал активностите преземени за промена на начините на затоплување и подобрување на енергетската ефикасност во јавните објекти – училишта, градинки, болници, полициски станици, како и стратешките инвестиции во обновливи извори на енергија.
-При тоа Алгаерова најави финансиски механизми на UNECE за поддршка на активности за енергетска ефикасност на објекти. Се направи осврт и на започнатите активности за имплементација на концептот за циркуларна економија и генерално за управувањето со отпадот, известуваат од Министерство за животна средина и просторно планирање. На средбата на Нуредини со Бруно Оберле, генерален директор на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) и Борис Ерг директор на канцеларијата на IUCN за Европа, се разговарало за планираните инвестиции во областа на управување со водите, отпадот и посебно активностите за заштита на природните вредности.
-Министерот Нуредини им се заблагодари на високите претставници на IUCN за досегашната поддршка во процесот на прогласување и репрогласување на заштитените подрачја во државата и ги најави планираните активности за зголемување на процентот на заштитени подрачја и насочувањето кон конзервација на други подрачја (Јабланица). При тоа министерот напомена дека и понатаму ќе имаме потреба од поддршка особено во справувањето со предизвиците за изнаоѓање механизми за постигнување на самоодржливост на заштитените подрачја и обезбедување на социо-економски одржлив развој за локалното население, информираат од министерството. Двете страни изразиле подготвеност за продолжување на соработката особено во зачувување на UNESCO статусот на Охридското Езеро.
-На средбата со Ингер Андерсен генерален секретар на UNEP се разменија информации за тековните проекти што се реализираат во Северна Македонија и беше искажана подготвеност за поддршка на новиот регионален проект за одржливо управување на најголемото прекугранично заштитено подрачје во Европа – НП Шар Планина, НП Маврово НП Шари и паркот на природата Коритник, како и за понатамошна поддршка во развивањето на НП Шар Планина и во зачувувањето на UNESCO статусот на Охридското Езеро, соопштуваат од Министерство за животна средина и просторно планирање.