Нуредини : Додека не го смениме начинот на загревање, нема да имаме долгорочно решение за загадувањето


Усвоени се 63 политики и мерки што треба да ги исполниме за остварување на амбицијата во однос на Парискиот договор. Во однос на аерозагадувањето, го усвоивме дополнетиот закон за квалитет на амбиентниот воздух при што дефиниравме мерки за локалната самоуправа, кои треба да ги преземе во случаи на пикови на загадувањето. Сепак, верувам дека на сите ни е јасно дека додека не го смениме начинот на загревање на јавните и приватните згради и домови, што се надеваме дека ќе го постигнеме со изградбата на гасоводната мрежа и поддршката на инвестициите во енергетска ефикасност дадена од страна на централната и локалната власт, нема да имаме долгорочно решение на овој проблем, нагласи во интервјуто за МИА министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Со него зборуваме за препораките од Европската комисија, големите чекори што ги презема Министерството за животна средина и просторно планирање во текот на изминатата година со цел зачувување на животната средина, за дел од идните предизвици, како и за средствата што се наменети за решавање на проблемите во таа област, при што министерот истакна дека управувањето на животната средина, енергетската транзиција кон обновливи извори на енергија, гасификацијата и ред други активности со кои долгорочно влијаеме на зачувување на животната средина бараат големи инвестиции, а Министерството и Владата се трудат да ги обезбедат.

Што, според вас, ја обележи 2021 година во однос на мерките што Министерството за животна средина и просторно планирање ги презеде за унапредување на оваа сфера?

– Пред сè, од исклучителна важност се интервенциите во девет закони од областа на животната средина заради зголемување на глобите за загадувачите до дваесет пати. Меѓутоа, покрај тоа се работеше и на измени во материјалните одредби, и тоа конкретно во Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, со што се утврдија критериуми и се предвиде список на општини што ќе треба да подготват планови за чист воздух за своите граѓани. Предложени беа и измени во Законот за животна средина, конкретно се регулираше механизмот за санирање на историското загадување и жариштата во државата. Со овој закон ја дефиниравме методологијата за идентификација на контаминирани подрачја, со конкретни обврски за рехабилитација и дефинирана содржина на планот со која ќе се спроведе оваа санација во согласност со светските стандарди. Од целокупното законодавство овој закон е единствениот што сè уште е во собраниска процедура. Крајот на годинава го одбележавме со усвојување на предлогот на Законот за инспекциски надзор во животната средина во Владата, кој многу скоро треба да влезе во собраниска постапка.

Од друга страна, веќе се стапени во сила шесте нови закони за отпад, ориентирани (засновани) во принципите на циркуларната економија и спречување отпад, приоретизирајќи повторна употреба, рециклирање и преработка, како и Националниот план за управување со отпад 2021-2031.

Особено сакам да го истакнам напредокот што го постигнавме во областа природа. Со работата на валоризација на природните вредности и заштита на биолошката разновидност, преку прогласување природни заштитени подрачја, го зголемивме процентот на заштитени подрачја од 8,9 на 13,8 проценти. За прв пат прогласивме нов национален парк, НП Шар Планина, од прогласувањето на независноста и од една страна го заштитивме ова исклучително важно природно подрачје, но и ги поставивме основите за сосема нова перспектива за одржлив развој на подрачјето. Во оваа 2021 година прогласивме три заштитени подрачја во категоријата V – заштитен предел: Осоговските Планини, Водно, и од неодамна и Малешево. Изработен е Предлог-закон за прогласување на Студенчишко Блато за споменик на природата и тоа во моментов е под привремена заштита, успешно е завршена номинацијата на Охридското Езеро и Студенчишко Блато во листата на Рамсарската конвенција, а во тек се подготвителни активности за изработка на нов закон за природата, кој е усогласен со компонентата НАТУРА 2000 од законодавството на ЕУ.

Во делот на клима донесовме прва Долгорочна стратегија за климатска акција во Република Северна Македонија со акционен план, а поднесовме и ревидиран национално определен придонес кон Договорот од Париз, со кој ние како држава се обврзавме на 51 процент намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030 година. Во изработка е и Законот за климатска акција, со чија консултација планираме да ја започнеме следната година.

Кога ги набројувам другите постигнувања во 2021 година за секоја сметам дека е многу важна и тешко е да ги приоретизирам. Сепак, би го издвоил систематското финансирање на капиталните проекти за реконструкција и изградба на водоводни, канализациски мрежи и пречистителни станици, со средства од Буџетот на МЖСПП, од Програмата за води и од Програмата за инвестиции во животната средина. За таа намена во изминатава година успеаме да обезбедиме средства во висина од приближно 228 милиони денари распределени за околу 20 општини. Дел од средствата од Програмата за инвестици се наменети за изработка на проектна документација за ваков тип проекти, бидејќи тоа е неминовно за да се инвестира во изградба, а некои од општините немаа капацитет самостојно да го сторат тоа.

Нашиот план во овој правец е да обезбедиме нова кредитна линија во висина од 50 милиони евра од Европската инвестициона Ббанка бидејќи постоење на воводоводна и канализациска мрежа е основна човекова потреба и ние и како Влада и како Министерство треба да сториме сè што е во наша моќ да ги направиме дпостапни и за најоддалеченото место во државата.

Работевме и на реализација на пречистителни станици и канализациски мрежи во согласност со потребите за поголемите градови финансирани преку ИПА-инструментот, меѓу кои Кичево, Тетово, Битола и Скопје.

Во Полошко, на депонијата Русино се имплементираа брзи мерки со 1,9 милион швајцарски франци грант и се обезбедени дополнителни шест милиони швајцарски франци грант за втората фаза од проектот од страна на Владата на Швајцарската федерација.

Опсегот на инвестициските проекти опфаќа набавка на контејнери, набавка на собирни возила, изградба на претоварни станици и санитарна депонија во Мегленци за Југозападниот регион и Пелагонија, во Русино за Полошкиот регион, во Мечкуевци за Североисточниот и Источниот регион, во Василево за Југоисточниот и Вардарскиот регион.

За Скопскиот регион преку ИПА 3 програмата е предвиден развој на регионалната депонија Дрисла.

Како големо достигнување го сметам чистењето на складираниот опасен отпад од бившиот индустриски гигант ОХИС и започнувањето на активностите за чистење и санација на малата депонија во ОХИС со опасен историски отпад од линдан.

Во делот на амбиентниот воздух, покрај унапредување на законската регулатива со која поставивме построги обрски за општините, целосно го обновивме и докомплетиравме Државниот мониторинг-систем и до крајот на годината ќе се стават во функција уште две нови мониторинг-станици во Прилеп и Берово, со што нивната бројка ќе се зголеми 20 и една мобилна мониторинг-станица.

Според извештајот на Европската комисија за земјава, во текот на наредната година Северна Македонија треба да ја подобори интерсекторската координација и да ги зголеми финансиските ресурси за намалување на аерозагадувањето на локално и национално ниво, да направи значајни чекори во воспоставување регионален систем за менаџирање со отпад, да го имплементира Парискиот договор, вклучително и да направи адаптација со Стратегијата и законите со рамката на ЕУ 2030. Кои чекори ги планира МЖСПП во однос на овие препораки?

– Ние секогаш потенциравме дека е неопходна подобра меѓуинституционална соработка и координација помеѓу локалната и централната власт за да бидеме успешни во имплементацијата на овие мерки. Досега тоа го правевме и ќе продолжиме да ги вклучуваме сите засегнати страни во носењето на овие мерки бидејќи тие не се политички прашања, туку многу повеќе човеково право заштитено и во нашиот Устав. Како што споменав, усвоени се 63 политики и мерки што треба да ги исполниме за остварување на амбицијата во однос на Парискиот договор. Во однос на аерозагадувањето, го усвоивме дополнетиот закон за квалитет на амбиентниот воздух, при што дефиниравме мерки за локалната самоуправа, кои треба да ги преземе во случаи на пикови на загадувањето.

Сепак, верувам дека на сите ни е јасно дека додека не го смениме начинот на загревање на јавните и приватните згради и домови, што се надеваме дека ќе го посигнеме со изградбата на гасоводната мрежа и поддршката на инвестициите во енергетска ефикасност дадена од страна на централната и локалната власт, нема да имаме долгорочно решение на овој проблем. Со законот за инспекција што го предложивме, ќе се подобрат надзорите над индустријата, понатаму со новите закони за управување со отпадот веќе се ориентираме кон циркуларна економија. Го финализираме договорот со ЕБРД за заемот со кој ќе се финансира основната инфраструктура за управување со отпадот, регионалните депонии, претоварни станици, камиони и контејнери за сите општини кои во моментов не се опфатени преку ИПА-проектите.

Сепак, сè уште постои кризата со пандемијата на Ковид-19. Што не успеавте да сработите во текот на минатата година поради ситуацијата?

– Ситуацијата, за жал, влијаеше на сите аспекти на нашиот живот, меѓу кои и процесите во нашето работење, без разлика дали зборуваме за приватниот или државниот сектор. Но, моравме брзо да се научиме и да се приспособиме на состојбата и да го сработиме она што сме во можност да го завршиме. Не мислам дека сè уште може пандемијата да ни биде изговор, бидејќи сите бевме афектирани од неа. Природно, не можевме да бидеме максимално ефективни, зашто честопати членови на работни групи, проекти, комисии, беа отсутни поради болест или изолација. Ова особено се чувствуваше во делот на работата со меѓународната заедница и реализацијата на заедничките проекти, за кои беше потребно и патување. Дополнително, имавме и локални избори, кои ги замрзнуваат дел од инстуитуционалните процедури. Но, верувам дека работата што ја завршивме, ќе биде добра основа за следните планирани чекори во полн ек.

Направивте измени во однос на употребата на најлонските кеси. Поминато е кратко време, но ако можете да ми одговорите, како сте задоволни со досегашната имплементација?

– Нема да можеме да направиме вистинска евалуација на мерката до првата четвртина на 2022, кога ќе ги имаме првите точни бројки за тоа колку биоразградливи кеси биле употребени и кога ќе можеме да направиме фактичка споредба со претходните години. Она што сакам да го истакнам е дека пластичните кеси беа забранети од 2013, а дозволени беа само биоразградливите за продажба. Она што ние го сторивме, беше предвидувањето надоместок за нивната употреба, со цел одвраќање од користење. Нашиот предлог беше 10 денари, ние имавме и состаноци и три јавни расправи по овој пакет закони, потоа законите во собраниска процедура повторно беа дебатирани и по предлог од пратениците се дојде до надоместокот од 15 денари. Она што јас можам да го извлечам како позитивен впечаток од носењето на оваа одлука и реакциите околу нас, е дека успеавме да ја актуеализираме дискусијата во јавниот дискурс и да почнеме да ја креваме свеста за штетноста на пластиката, за тоа дека кесите на кои не обрнувавме никакво внимание ја загадуваат нашата околина, води, почва. Да одговорам поконкретно, убеден сум дека резултатите се позитивни, со оглед на тоа дека ние всушност зборуваме за ова прашање.

Прогласувањето на Шар Планина за национален парк е историски чекор. Веќе е подготвен и планот за управување. Кои се следните чекори во таа област?

– Донесувањето на вистинското законско решение, обезбедувањето на поддршката и конечното финализирање на тој процес беше вистински предизвик, но сега не очекува вистинската работа на терен за создавање на потребните услови и структура за Шар Планина да функционира како национален парк. Ја воспоставивме Јавната установа национален парк Шар Планина, а сега се работи на актот на систематизација и вработување на потребниот кадар за националниот парк. Во меѓувреме драго ми е што се изработи Предлог-планот за управување со НП Шар Планина и се очекува во почетокот на јануари да влезе во фаза на јавни консултации, за негово последователно усвојување. Планот е основата на која ќе го градиме функционирањето на заштитеното подрачје. Тоа мора да биде во правец на заштита на животната средина и природните убавини, но и обезбедување на социо-економски развој на подрачјето за што навистина постојат добри предуслови преку алтернативен туризам, традиционално угостителство и земјоделство итн. Секако, за тоа мора да има и период на приспособување.

Во рамките на расправата за Буџетот за 2022 година беше истакнато дека отсуствува координација за зелената агенда. Како го коментирате тоа, бидејќи, како што беше посочено, Генералниот секретаријат на Владата, кој треба да ја изработи распределбата, нема никаква врска со зелената агенда. 

– Не е важно под чија формална надлежност една програма ќе биде поставена, она што е важно е таа да е добро координирана помеѓу сите институции, а Министерството за животна средина со канцеларијата на претседателот на Владата веќе работи на тоа. Идејата е преку координацијата на канцеларијата на претседателот на Владата сите институции се обврзани да учествуваат во зелената агенда, бидејќи сите имаат обврски од областа на својата надлежност за успешност на програмата.

Дали сте задоволни од издвоените средства за животна средина што се предвидени во Буџетот за 2022? Дали тие ќе ги задоволат вашите потреби за зацртаните цели?

– Секако дека сакаме повеќе средства за животната средина. Впрочем, тоа беше и една од главните забелешки на ЕУ. Но, кога зборуваме за средствата издвоени за животна средина треба да се потсетиме дека активности насочени кон животнатата средина се финансираат од различни владини институции/министерства преку различни програми. Исто така, работиме на изнаоѓање на дополнителни средства од меѓународни донатори, пред се искористување на претпсистапните ИПА-средства на Европската Унија, но и на многу други достапни фондови, како и обезбедување на нови кредитни линии. Управувањето на животната средина, енергетската транзија кон обновливи извори на енергија, гасификацијата и ред други активности со кои долгорочно влијаеме на зачувување на животната средина бара големи инвестиции, а ние и како Министерство и како Влада се трудиме да ги обезбедиме.

Како еден добар пример би го навел формирањето Зелен финансиски фонд за подобрување на квалитетот на воздухот и борба против климатските промени во Северна Македонија (кој во моментов е во завршна фаза на подготовка), се очекува да биде во вредност од приближно 36,3 милиони американски долари и ќе се спроведе од тим на агенции на Обединети Нации – УНДП, ИОМ и УНЕЦЕ – во партнерство со ЕБОР. Тој е партнерство и соработка на странски и домашни институции и треба да биде ново финансиско средство, што треба значително да го подобри пристапот до достапно зелено финансирање за мали и средни претпријатија и целни групи на поединци/домаќинства за инвестиции за користење и употреба на обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, како и поттикнување иновации, со што ќе се придонесе до намалување на емисиите на стакленички гасови и загадувањето на воздухот.

Кои се целите на Нацрт-законот за климатска акција?

– Нацрт-законот за климатска акција има цел да го постави националниот координативен механизам за климатска акција, да го утврди планирањето на климатската акција, да го утврди механизмот за следење и известување на стакленичките гасови и на политиките и мерките за климатска акција, да даде важност на хоризонталните и други прашања со влијание врз климатската акција. Нацртот треба да се гледа интегрирано и со развиените подзаконски акти кои правно ќе ја регулираат платформата за следење и известување на стакленичките гасови и на политиките и мерките, со што правно ќе се регулираат обврските кои проеизлегуваат од регулативите и директивите на ЕУ од областа клима и одлуките за транспарентност од Договорот од Париз. Нашиот национално определен придонес идентификуваше 63 политики и мерки за исполнување на климатската амбиција. Долгорочната стратегија за климатска акција беше усвоена со акциски план и во 2022 година ќе се работи на обезбедување средства и мониторинг на политиките и мерките врз основа на кои се определени националните среднорочни и долгорочни цели од стратегија, преку воспоставување на правно-обврзувачки одредби на институциите за следење и известување.