НУБ ќе го одбележи Светскиот ден на книгата и авторското право


Националната и универзитетска библиотеката „Св. Климент Охридски“ – Скопје денеска  ќе го одбележи Светскиот ден на книгата и авторското право, прогласен од УНЕСКО во 1995 година.

На настанот ќе биде прочитана светската порака за книгата од Одре Азуле, генерален директор на УНЕСКО, како и македонската порака која годинава ја напиша проф. д-р Славица Велева.

-Овој датум се одбележува во целиот свет на 23 април секоја година како симболичен датум во светската книжевност бидејќи токму овој ден е поврзан со брилијантните личности на пишаниот збор – Мигуел де Сервантес, Вилијам Шекспир, Лопе Де Вега. Идејата се заснова на стариот каталонски обичај да се подари книга и роза, соопшти НУБ за настанот кој и оваа година го организира со поддршка од Шпанската амбасада во Скопје.

Одбележувањето на Светскиот ден на книгата ќе почне со поздравен говор на Јовица Никчевски, директор на Библиотеката, и со обраќање на претставник од Амбасадата на Шпанија.