Новото основно училиште во Визбегово не е почнато со работа, допрва ќе се бара кадар
Наставата за новото основно училиште во „Визбегово“ не е почната. Децата од оваа населба и по речиси три недели од почетокот на школската година седат дома пренесе телевизија „Телма“. Училиштето е ново и модерно, требаше да започне со работа оваа година, но иако во него се запишани повеќе од 250 ученици од прво до петто одделение вратите за нив се заклучени.
„Долго време го чекавме отворањето на ова училиште кое веќе е завршено и целосно готово за употреба, но сепак вратите остануваат затворени. Денес јавно се обраќаме до МОН и градоначалникот на Општина Бутел со едноставно прашање кога ќе ги отворите вратите на училиштето?“, прашува жител на општина Бутел.
Градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски во изјава за „Телма“ вели дека требале да чекаат прво да се направи ребаланс на буџетот, а потоа да се добие согласности од Министерството за образование и Министерството за финансии. Објаснува дека одобрението е добиено во текот на вчерашниот ден и веќе денес е распишан оглас за вработување.
„Три работни дена трае огласот и до вторник треба веќе да заврши, а до крајот на следната недела треба да почне и наставата. Во оваа прилика би апелирал до сите оние кои ги исполнуваат критериумите за вработување да аплицираат на отворените огласи се со цел комисијата да избере што поквалитетен кадар за работа“, изјави Костовски.