Новогодишната кошничка може да надмине 800 производи


Секојдневно расте бројот на производите кои ќе бидат опфатени со новогодишната кошничка. Досега се 713, а се очекува да надмине 800 производи кои ќе добијат пониски цени за 10 проценти, изјави во Прилеп заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески. Додаде дека на една недела пред примената на мерката се пријавени 63 компании.

-Оваа новогодишна кошничка е поразлична од другите зашто, прво , е креирана од бизнис секторот и влегуваaт производителите, увозниците, дистрибутерите и трговците на големо и мало. Интересот е многу голем и секојдневно се пријавуваат компании. Почетно беа околу 650 производи, сега бројката надминува 700, односно, досега се вклучени 713 производи или 63 компании кои учествуваат во оваа мерка, изјави Ристески.

Тој има поголеми очекувања од оваа новогодишна кошничка и опфатот на производи да стигне над 800.

-Очекувам заштедата да биде многу поголема од претходните кошнички. Тогаш беа опфатени окоу 520, а сега бројката сигурно ќе оди над 800 производи. Секако анализите и на Министерството и на Заводот за статистика допрва ќе се прават од ефектите на кошничката, рече Ристески.

Примената на мерката за новогодишната кошничка ќе почне на 15 декември и ќе трае до 15 јануари со сите производи кои му се потребни и ќе ги користи семејството за празниците, а опфатот се зголемува. До секој производ ќе стои назнаката „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, но и претходната и цената опфатена со намалувањето. Граѓаните не им веруваат на трговците и сметаат дека тие манипулираат со цените. Ристески уверува дека инспекторатот на терен будно ќе ја следи примената на мерката.

-Мониторингот ќе го врши пазарната инспекција која ќе биде на терен, во маркетите. Инаку, според Законот за заштита на потрошувачите, кога има одредени акции, треба да биде земена најниската цена од претходниот месец, значи од 15 ноември до 15 декември и на таа цена да има најмалку 10 проценти намалување, објаснува Ристески.

Министерството за економија и труд ги повикува другите компании да се вклучат во мерката која стартува на 15 декември.