Новогодишната кошничка е нова измама на граѓаните од страна на власта, обвини СДСМ


СДСМ денеска обвини дека новогодишната кошничка е нова измама на граѓаните од страна на власта. 

Како што изјави на прес конференција Симона Цветановска, членка на Извршниот одбор на СДСМ, „Владата свесно манипулира со граѓаните а ги штити трговците“. Според Цветановска, премиерот  Мицкоски намерно им оставил време на трговците да ги качуваат цените, за сега, кога ќе се намалат, да нема никакво реално намалување.

„Нема да има намалување на цените но ќе има зголемување на профитите на грбот на граѓаните. Колку долго ќе гледаме како ВМРО-ДПМНЕ ги штити трговците и тајно договара лажни кошнички, додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај“, рече таа посочувајќи повеќе примери за цените на производите.

Така, како што рече, пред воведување на „лажната кошничка“, трговците тивко и очигледно во договор со Мицкоски ги покачија цените на основните прехранбени производи за 15-20 %, со што ударот врз домашниот буџет на граѓаните стана уште посилен. За ова секојдневно сведочат граѓаните.

Наведе повеќе промери на цени од маркетите. Така, пакување од 10 јајца сега се 90 денари, а неодамна чинело 75 денари; до пред две недели зејтинот се продаваше за 82 денари – сега е 89 денари; цената на кашкавалот најмногу се зголеми и сега е околу 500 денари за килограм, односно за килограм кашкавал граѓаните сега мора да платат 497 денари, а беше 429 денари. Речиси 70 денари зголемување за кило. Исто е и со многу други производи, рече Цветановска.

Таа го повтори предлогот на СДСМ за укинување на ДДВ за храната, мерка која според неа „ќе донесе реално и долгорочно намалување на цените“.

„Ова е мерка којашто ќе трае цела година, а ефектите граѓаните ќе ги чувствуваат реално“, рече Цветановска.