Новогодишен базар во Скопје Сити мол – од современи креации до традиционална храна направена од руралните жени и лица со попреченост


Во пресрет на новогодишните празници, од 16 до 31 декември ќе се одржат три последователни настани на првиот кат во Скопје Сити Мол со повеќе од 90 учесници.

Разноврсната понуда на Новогодишниот базар ќе започне утре, 16 декември со еднодневен саем на македонска традиционална храна „Домашно, природно, вкусно“ на кој ќе бидат изложени домашно произведени продукти направени од македонските рурални жени, млади земјоделци и лица со попреченост.

Иницијативата е во организација на Националната федерација на фармери и Скопје Сити Мол, поддржана од проектот “Поддршка на пазарните врски за руралното население со акцент на лицата со попреченост, руралните жени и други ранливи групи”. Проектот се реализира со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка GIZ, во рамките на проектот “Поддршка на диверзификацијата на економските активности во руралните подрачја на Југоисточна Европа (SEDRA II)”.

На еднодневниот настан ќе се одржи и работилница “И ние, лицата со попреченост, имаме право на еднаквост и пристап до сите услуги и можности”, за подигнување на свеста за предизвиците што ги искусуваат маргинализираните групи од руралните средини и предностите кои произлегуваат од инклузијата на жените и лицата со попреченост во социјалниот и економски живот.

 

Од 17 до 20 декември на истата локација, преку здружението „Природен мед“ ќе се претстават поединци со пчелни производи како мед, маџун, производи направени од мед и пчелин восок, понатаму тартуфи, сокови, домашни мармалади, ладно цедени масла, ликери и природна козметика.

 

Новогодишниот базар продолжува со десетдневен настан на кој ќе се претстават над 50 современи индивидуалци – ракотворци. Од 21 до 31 декември посетителите ќе можат да ја почувствуваат предновогодишната магија и да уживаат во модерни брендови, кои нудат уникатни производи. Деликатно направен избор на уметници, кои храбро концепираат и компонираат иновативни креации од кожни аксесоари, чанти, шапки, накит, преку новогодишни сувенири, веганска козметика за природна нега, шарени керамички приказни, еколошки восочни обвивки, до колачиња во духот на претстојните празници, новогодишни украси, рачни везови и облеки за миленици.