Ново судење на Навални во затвор, можни се уште 10 години казна

Рускиот опозициски лидер е обвинет за проневера во неговата антикорупциска организација. Судењето е во затворот на исток од Москва


Алексеј Навални во затворски комбинезон

 

Русија би можела да ја продолжи затворската казна на Алексеј Навални за уште една деценија во новото кривично судење за кое неговите поддржувачи предупредуваат дека е засенетo од кризата во Украина.

Рускиот опозициски лидер е обвинет за проневера на донации на неговата антикорупциска организација ФБК, која го обвини Владимир Путин дека поседува замок од 1,1 милијарда еврa и други високи функционери кои се збогатуваат преку коруптивни шеми.

Навални ги отфрли обвиненијата и ги нарече политички мотивирани.

Новото судење за проневера започна во вторникот во казнената колонија ИК-2 во Владимир, необичен амбиент na три или четири часа возење источно од Москва, што сериозно ја ограничува можноста на поддржувачите и набљудувачите да присуствуваат на сослушувањата, јавуваат агенциите.

Навални отслужува затворска казна од три и пол години во затворот за одделно обвинение за проневера. Тој преживеа обид за труење во 2020 година и беше уапсен откако се врати во Русија минатата година.

Неговото семејство и поддржувачите велат дека Кремљ бара лесно осудување со одржување на судењето во затворска колонија далеку од неговата база за поддршка во Москва.

„[Властите] сакаат да го сокријат од сите луѓе, од неговите поддржувачи, од новинарите“, напиша неговата сопруга Јулија Навална во објава на Инстаграм во пресрет на судењето. „Толку е патетично што се плашат да го одржат судењето во Москва“.

Кога започнаа сослушувањата во вторникот, Навална го прегрна својот сопруг, кој беше облечен во син затворски комбинезон. Навални не бил држен во кафез, како што е вообичаено за време на руската кривична постапка, бидејќи судницата e во затвор.

Марија Певчих, уште еден врвен сојузник на Навални, рече дека опасноста за Навални е зголемена бидејќи вниманието на јавноста с\ повеќе се оддалечува од грижите за човековите права кон потенцијалот за руски напад врз Украина.

„Опасноста по животот на Навални, односно веројатноста тој да биде убиен во затвор, ќе се зголеми експоненцијално во зависност од тоа што се случува во Украина“, напиша таа. „Шансите се веќе прилично лоши, но целосната руска инвазија едвај му остава шанса да преживее“.

Новинарите рекоа дека на оние кои сакале да влезат во судницата им било забрането да носат лаптопи, телефони или уреди за снимање.

Навални е обвинет за проневера на донации на неговиот антикорупциски фонд, кој ги предводеше истрагите против владините претставници и со години предизвика големи протести против Путин. Тој е обвинет и за непочитување на судот за наводна навреда на судија за време на претходното судење, каде што беше обвинет за клеветење на воен ветеран.