Ново продолжение од „Џемс Бонд“ серијата на Мицкоски, чека обвинителството да истражи кој го следел
Премиерот Христијан Мицкоски очекува од Јавното обвинителство по допрен глас да преземе мерки во врска со информациите кои ги изнесе на вчерашната собраниска седница за пратенички прашања дека претходната власт физички го следела негокако предводник на најголемата опозициска партија, оти наводно бил лидер на паравоена формација.
-Она што можам да го споделам со јавноста е дека овие списи, извештаи или како да ги наречам дебрифинзи, се креирани на почетокот на 2020 година кога е изборна година. Замислете, една од безбедносните агенции, од оправдани причини нема да кажам која е, располага со вакви информации во кои што јас инспирирам, финансирам и организирам вакви терористички структури вооружени, а притоа не го информирала МВР. И се поставува прашањето зошто не го информирала. Одговорот е јасен, затоа што тоа беше техничкиот период и тогаш технички министер беше Наќе Чулев, зборувам во 2020 година. Ова било само начин преку монтажа да се обезбеди физичко покривање на лидерот на најголемата политичка партија во тој момент – ВМРО-ДПМНЕ. Останатото еве оставам до обвинителството, да видиме дали овој глас ќе допре до нив и дали тие ќе преземат некакви мерки, рече Мицкоски.
Прашан до каде е со реализација најавеното спојување на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, и дали има некаков предлог закон за спојување на агенциите, тој посочи дека се во подготовка реформи за кои ќе биде потребно време.
– Таа процедура нема да биде брза и се разбира нема да биде јавна. Кога ќе биде се’ завршено, а за тоа треба време, ќе биде јавна, ќе има јавна дебата, ќе можат експертите да ги дадат своите мислења. Но, ние се подготвуваме за оваа реформа бидејќи оваа реформа најголемиот дел од НАТО земји ја имаат направено, од соседството таква е во Словенија, во Хрватска итн. Така што, да бидеме трпеливи затоа што сепак станува збор за системот за разузнавање и контраразузнавање на државата, рече Мицкоски, наспроти анализите кои покажуваат дека состојбата во Европа е обратна, односно дека повеќето земји, а пред се демократските, имаат поделба на службите за разузнување како ние сега во Македонија.
Премиерот Мицкоски вчера од собраниската говорница обвини за незаконско работење на дел од агенциите и службите задолжени да се грижат за безбедноста на граѓаните и државата, истакнувајќи ја неопходноста од реформи во работењето на службите.