Конечно дојде на ред поправката на оштетеното детско игралиште кај Т.Ц. „Зебра“


Вакa изгледа веќе 4 години игралиштето кај „Зебра“ (Фото: Независен)

 

Ново детско игралиште наскоро ќе добијат децата околу Т.Ц. „Зебра“ во Капиштец. Денеска ќе започне и поставување на реквизитите на местото на постоечкото поради што тоа нема да биде во функција. Станува збор за нови седум реквизити вклучувајќи и нова гумена подлога.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски повикува на трпеливост сѐ до завршување на елементите кои ќе ги израдуваат децата. 

„Во ек на летните одмори и високите температури кога детските игралишта се празни почнуваме со промена на новите реквизити на веќе руинираното детско игралиште кои ќе значат и нова радост за нашите дечиња. Затоа замолувам на трпение кај родителите и децата со цел детската игра побрзо да продолжи. Инаку новото игралиште ќе има 7 реквизити и истите се донација од општествено одговорна компанија“, вели Герасимовски.

Општина Центар информира дека новото детско игралиште е донација од општествено одговорна компанија која Општина Центар ја прифати на 26-та седница на Советот. Градоначалникот  Герасимовски се заблагодарува за донацијата и ги повикува останатите компании да донираат во проекти кои придонесуваат за правилен детски развој и социјализација на децата.

Реконструкцијата најавена пред две години

Инаку, Општината во јули 2021 година најви реконструкција на девет детски игралишта во општината.

Комплетна реконструкција е предвидена за игралиштата во дворот на ООУ „Ј. Х. Песталоци“, на улицата „Партение Зографски“ на Водно, во објектот „Бели мугри“ на детската градинка „Кочо Рацин“, игралиштето на ул. „Владимир Полежановски“, зад Универзалната сала и игралиштето во ОУ „11 Октомври“. Во наредниот период се предвидува и санација и на други детски игралишта: на плочникот зад поранешна „Агромеханика“, во паркот „Капиштец“ и детското игралиште во населбата Пролет.

Фото: Независен

Како што тогаш соопшти Општината, за овие активност издвоиле вкупно 10 милиони денари, средства од општинскиот буџет, со кои ќе се покријат сите трошоци за реконструкцијата на игралиштата.

Во август истата година општината ги реконструира детските игралишта во општинските основни училишта „Јохан Хајнрих Песталоци“ и „11 Октомри“.

Игралиштето кај „Зебра“ (Фото: Независен)

Во ноември 2021 година пак, градоначалникот Горан Герасимовски заедно со општинските служби, направија кратка обиколка и извршија увид во состојбата на постоечките игралишта и повторно ја најавија акцијата за реконструкција.

Активностите за реконструкција ќе ги опфатат детските игралишта кај поранешна „Агромеханика“, Градски ѕид Блок 9, игралиштето кај „Трготекстил“, ООУ „Гоце Делчев“ и сите останати кај кои ќе се утврдат поголеми оштетувања. ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ ќе добие ново детско игралиште, а на барање на граѓаните, се разгледува можноста за отворање на уште еден влез, кој ќе води до мини-парк во училишниот двор, се велеше во најавата.