Новиот пазар во Неготино бил заведен како „урбана опрема“, обвинува СДСМ


Лолита Ристова од СДСМ

 

Опозициската СДСМ денеска објави случај којшто го нареше скандал поврзан со новиот пазар во Неготино. Според тврдењето на СДСМ, за кое членката на ИО Лолита Ристова изнесе документи овој пазар бил заведен во одобрението за градба како „поставување урбана опрема“. Урбана опрема каде што има вградено 17 тони железо.

„Иако помпезно го отворија Христијан Мицкоски и градоначалникот Горан Стојанов, пазарот е изграден без соодветно одобрение за градење, а се води како ‘поставување урбана опрема’. 

17 тони железо, изградени на бетонска подлога од 420м2 со 90 тезги внатре се третираат како урбана опрема? 

Зошто е избегнато издавање на соодветно одобрение за градење во соодветна постапка. Особено од аспект на статиката и сигурноста на објектот.

Дали ваквиот објект над главите на неготинчани е безбеден?

Нашата загриженост е оправдана, имајќи предвид дека несоодветно поставување на материјали беа дел од причините за трагедијата во Нови Сад.

Сомнежите околу изградбата на пазарот е и од аспект на финансиски аспект.

Зад проектот повторно стои една од омилените фирми на ВМРО-ДПМНЕ – „Мастеф“, која редовно добива тендери во општини под нивна контрола, особено со пари од унгарскиот заем.

Проценетата вредност на проектот е 25.960.000 денари, а договорот е склучен речиси за истата сума – 25.914.000. Без конкуренција, без намалување на цената, без домаќинско работење“, рече Ристова.