Новиот мост во Аеродром прво ќе води до споредните улици, од 2022 година ќе води до булевар
По најавата дека мостот во продолжение на булеварот „АСНОМ“ во Аеродром ќе биде пуштен во употреба следниот месец, се појавија сомнежи дека нема каде да води тој мост со оглед на тоа што од страната на Ќерамидница нема булевар во продолжение.
Од Град Скопје појаснуваат дека мостот првично ќе води по споредните улици од страната на Ќерамидница, а булеварот треба да биде пробиен до јуни 2022 година, со што Аеродром ќе се поврзе со Центар и од таа страна, а намената му е и да ги прифати и донесе возилата до „Ист гејт мол“, каде со изградбата на трговскиот центар и повеќето згради за домување се очекува да гравитираат илјадници луѓе.
– Ги разбирам реакциите кои ги видовме по интернет страниците и по социјалните мрежи, затоа што сме пред избори и има интенција ваквите големи проекти да се исмејуваат колку да им се одземе од значењето. Тоа што би сакал да појаснам, а и не беше јасно доволно јасно за граѓаните, е дека овој проект се работи во три фази. Првата фаза е пробивањето на булевар АСНОМ од страната на Аеродром, тоа што веќе го гледаме тука. Втората фаза е мостот Михајло Апостолски, кој што е при крај и може да се види. Третата фаза е пробивањето на булеварот од Керамидница, па се до мостот и како целосно булеварско решение – изјави портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху за денешниот Утрински брифинг на Слободна ТВ.
Тој вели дека по булеварот „АСНОМ“ веќе се движиме, а мостот би требало да биде готов во наредните 30 дена. Овој мост и булеварот ќе има шест автомобилски ленти, три од едната и три од другата страна, ќе има велосипедски патеки, лед осветлување, ќе има пешачки патеки, дрворед и зеленило.
– Кога почнавме со пробивањето на булевар АСНОМ од страната на Ќерамидница, јасно кажавме дека булеварот од таа страна ќе биде пуштен во јуни 2022 година, меѓутоа тоа што треба да се појасни е дека после мостот (од Аеродром кон Гази Баба) има и секундарни улици, така да кога ќе биде пуштен делот на мостот заедно со булеварот од страна на Аеродром, првично ќе биде приклучен кон тие секундарни улици а потоа, некаде јуни следната година, ќе биде целосно поврзан со булеварот од страната на Ќерамидница, појасни Салиху.
Овој мост треба да придонесе за растоварување на сообраќајот, па на пример од Чаир за да се стигне до Аеродром потребни се околу 40 минути. Да беа овој мост и булеварот пуштени, до хотел „Русија“ од Чаир ќе се стигнуваше за 10 минути.