Новиот филм на Алмодовар ќе го отвори фестивалот во Венеција

Италија– Со новиот филм на шпанскиот режисер Педро Алмодовар – „Madres paralelas“, ќе биде отворен 78. Филмски фестивал во Венеција. Како што соопшти денеска управата на најстариот филмски фестивал во светот, остварувањето биде вклучено во главната конкуренција.
Во продукцијата учествува и долгогодишната муза, сонародничка и пријателка на шпанскиот киномајстор, глумицата Пенелопе Круз.
Фестивалот ќе се одржи на островот Лидо во Венецијанската Лагуна, од 1 до 11 септември.
Холивудската актерка Џејми Ли Кертис ќе ја добие наградата „Златен лав“ за севкупна креативност на 78-то издание на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција, соопштија организаторите, цитирани од Ројтерс и Асошиејтед прес.
За време на фестивалот, ќе биде прикажан најновиот филм со Кертис – „Halloween Kills“. Проекцијата ќе биде надвор од програмата за натпреварување. Неговата светска премиера ќе биде во октомври.
Меѓу хит-насловите во кои глуми актерката се „True Lies“ и „A Fish Called Wanda“.
Во специјалното соопштение, 62-годишната Кeртис рече дека не може да верува дека била толку долго на филмското платно, за да заработи награда за целокупната креативност. Таа рече дека и ’е чест да ја добие наградата во време кога излегува продолжението на нејзиниот прв филм.
Директорот на фестивалот, Алберто Барбера, рече дека четиридецениската кариера на Кертис, пишувањето книга за деца и вклучувањето во добротворни цели ја става во „таа мала група холивудски актери кои најдобро ги рефлектираат квалитетите што се душата на глобалната филмска индустрија и нејзиното наследство“.
Меѓу наградените со „Златен лав“ за целокупната креативност се имиња како Тилда Свинтон, Педро Алмодовар и Ванеса Редгрејв.