Новиот директор на АНБ спроведува нова истрага за случајот Онишченко


Новименуваниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Зарко Милошевски, спровел нова истрага за околностите во кои македонско државјанство добил контроверзниот Украинец Александр Онишченко, лице на листата на санкции на САД поради мешање во тамошните избори во 2016 година. Инаку Милошевски беше споменуван во јавноста како најодговорен за пропустите околу безбедносната проверка на Онишченко.

„Новиот директор на АНБ следната недела – во вторник или среда најдоцна, пред Нова година, ќе оди на реферирање пред собраниската комисија за контрола над службите, каде ќе презентира наоди од – да ја наречам новата истрага“, објави претседателот Стево Пендаровски во интервју.

Слична најава даде и премиерот Димитар Ковачевски денес. 

„Истрагата за Онишченко сега ќе треба да ја доврши новото раководство на Агенцијата за национална безбедност, да реферира пред Собранието и пред Владата на затворена седница и потоа да можат да се преземаат соодветни чекори согласно со наводите од таа истрага“, изјави денеска премиерот.

Претходниот директор на АНБ, Виктор Димовски за „случајот Онишченко“ првпат реферираше на затворена седница на собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ и АР на 18-ти ноември. Тогаш пред медиумите изјави дека во интерната постапка се констатирало дека не се испочитувало последното ниво од безбедносната проверка. Но таа, за јавноста затворена седница остана незавршена, бидејќи беше прекината откако се утврди безбедносен пропуст: отчетот на Димовски тонски се емитувал на јутјуб-каналот на Собранието.

Во врска со инцидентот, МВР спроведе истрага и извештајот го достави до Собранието и Основното јавно обвинителство Скопје. Во меѓувреме, на 14-ти декември за нов директор на АНБ беше избран Зарко Милошевски, а веќе на 15-ти декември беше закажана комисиска седница за да продолжи прекинатото реферерирање за „случајот Онишченко“. Но, тогаш таму не се појави претставник на АНБ.