Новиот амбасадор на ЕУ, Дејвид Гер, очекува сите во Македонија заедно да работат за членство
Европската унија од денеска, со предавањето на акредитивните писма на Дејвид Гер, има нов амбасдор во Македонија. За време на церемонијата кај претседателот Стево пендаровски, Гер рече дека „владеењето на правото ќе биде клучно. Тоа е почетна точка, но и последен чекор во преговорите. Процесот исто така значи поддршка на демократијата и дијалогот, заштита на човековите права и животната средина и создавање на одржлива економија во служба на граѓаните. ЕУ реформите вклучуваат процес на позитивна реформа во интерес на слободите, напредокот и безбедноста на обичните Македонци“.
Гер уште нагласи и дека очекува да работи со претседателот, со парламентот, со владата, со опозицијата и со сите актери и сектори на општеството низ целата земја, кои мора да бидат во „центарот на овој голем потфат за да може Северна Македонија да го заземе своето место како членка на Европската унија“.
Претседателот Пендаровски истакна дека „одблиску и со внимание ги следиме дискусиите околу Преговарачката рамка помеѓу земјите членки во работните тела на Советот на ЕУ и убедени сме дека земјите членки само преку дијалог и заемно почитување на принципите и темелните вредности на Европската унија ќе може да ги надминат преостанатите билатерални разлики и предизвици.
Во таа смисла, како земја кандидат за членство, одлучни сме да продолжиме со спроведување на заемните обврски од Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија со отворен ум и со добра волја и во периодот што следи“.
Пендаровски се заблагодари на Европската унија за помошта во време на кризата со Ковид-19. „Благодарни сме за видливо демонстрираната солидарност и помош во форма на итна поддршка за здравствениот сектор, финансиски пакет за соочување со социо – економските последици како и макрофинансиската помош која ќе биде нивно важно надополнување“, нагласи претседателот.