Нови згради никнуваат по Центар, имаат ли капацитет училиштата?

Училиштата во Центар засега имаат капацитет, што кога ќе се вселат зградите кај „Треска“ и кај „Холидеј ин“
Во скопската Општина Центар во догледна иднина ќе се доселат илјадници нови граѓани, веројатно повеќето млади со деца, а капацитетот на осумте основни училишта е ограничен.
Сепак, градоначалникот Горан Герасимовски уверува дека за сите нив ќе има доволно место во основните училишта, а планирани се и некои проширувања со училници за дел од училиштата.
Огромен број граѓани се доселија и во висококатниците од комплексот „Лимак“, а допрва тоа ќе се случува кај проектот „Гранд“ спроти хотелот „Холидеј Ин“ кај ГТЦ, потоа „Треска3, а и спорадичните згради кои се издигнуваат на местото на поранешните куќички од кат или два.
– „Лимак“ не направи притисок и бројката на ученици во блиските „Кочо Рацин“ и „Гоце Делчев“ не се зголеми, а за понатаму ќе видиме, рече Герасимовски на денешниотбрифинг со новинарите..
Во моментов, во населбата Буњаковец има градежна офанзива, а речиси секојоа постара куќа се претвора во зграда од повеќе катови. Во близина на најстарото општинско училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ се градат десетици нови згради.
Тоа училиште можеби и е најголемиот проблем затоа што капацитетот е ограничен.
– Точно е дека околу „Песталоци“ се градат голем број на нови згради, ние како општина сакаме да ги прошириме капацитетите, но станува збор за училиште изградено од донатор по земјотресот и за тоа ќе треба специјална дозвола. Ние бараме да се тргне таа заштита, но засега нема ништо од тоа – рече Герасимовски.
Информираше дека годинава за прв пат првачињата се запишувале електронски, односно преку алатка каде се внесува адресата на живеење, системот сам одредува во кое училиште спаѓа новиот ученик. За невнесените адреси, со зумирање родителот повторно може да одреди каде да го запише своето дете.
Системот функционира на принципот на реонизација, но во некои училишта примаат деца и од други општини, чии родители работат на подрачјето на Центар, а полесно им е оставањето и земањето на учениците во близина на работното место.
– На тој начин, оние училишта кои немаат доволен број ученици за зачуваување на работните места на наставниците се пополнуваат, но тоа е само 10 отсто од вкупниот број ученици – рече Герасимовски.
За градинките пак, вели дека имаат целосен капацитет за потребите на општината, а можат да се примат и деца од други општини. Нема деца на листа на чекање за градинка.
За градилиштето на површината на поранешната фабрика „Треска“ вели дека дел од градежните маркици се групираат за еден објект, а сепак да остане место и за паркирање, но не знаеше да каже колку точно дозволи за градба се издадени досега и уште колку барања пристигнале.
– Барања има постојано, а добро е тоа што малите парцели се окрупнуваат и може да се испланира подобар простор за живеење. При тоа, сакам да ги демантирам информациите дека двонасочните улици сум ги променил во еднонасочни, за да ги задоволам барањата на инвеститорите. Знам дека некои граѓани треба да вртат цел круг околу населбата за да дојдат дома, но тоа е барање од пред 5-6 години за кое се чекаше дозвола од сообраќајната полиција, тврди Герасимовски.
За да се растовари сообраќајот во Дебар Маало, општината има идеја да постави транзитни рампи и да им наплаќа на нерезидентите, со тоа што по плаќањето паркирањето би било слободно. Се преговара и со Министерството за одбрана, во близина на општинските бараки, како и со Архитектонскиот факултет да се менаџираат нивните паркинзи. Но, се е во фаза на преговори.
Со овој потег би се решил и грдиот изглед на задната страна на факултето, кој служи како одлагалиште за смет или е потполно обраснат со трева.