Нови свлечишта на автопатот Кичево-Охрид, работите се пролонгираат на неодредено (Галерија)
Околу Нова година имаше 11 свлечишта, сега се појавија уште две. Главната задача е патот да биде безбеден за патување
Две нови свлечишта се јавиле во изминатиот период на делницата на автопатот во изградба од Кичево кон Охрид покрај постојните 11 кои беа актуелни околу Нова година. Сега нивното санирање и барањето трајно решение е главниот предизвик со кој се соочуваат изведувачите на автопатот.
Дали ќе бидат потребни дополнителни средства покрај постојните речиси 600 милиони евра, засега не се знае, ниту пак некој се осмелува да прогнозира кога ќе биде завршен автопатот и кога ќе тргнат првите автомобили. Она што го потенцираат претставниците на државата, на изведувачите, од надзорот, како и професори на Градежниот факултет, е дека ако сега би се проектирал автопатот, тоа би се правело сосема поинаку, со тунели, таканаречени галерии и тн.
Сите тие денеска, заедно со група новинари, беа на делот од трасата каде што има најголеми проблеми за да може јавноста на лице место да се увери за големите предизвици со кои се соочуваат градежниците.
Како и да е, во овој момент нема никаква прогноза кога ќе се пушти во употреба, но уверуваат дека кога тоа ќе се случи, ќе биде безбеден за возење. Неофицијално, од луѓе кои учествуваат во изградба на автопатот, тоа би можело да се случи во 2026 година, за првите две делници каде што се свлечиштата (од вкупно пет), додека кај Охрид, би можело и порано, под услов да нема нови непредвидени ситуации.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека е потребно јавноста од близу да се запознае со состојбите на терен, за свлечиштата и да се објасни како технички и практично приблемите се решаваат на терен.
„За секое од овие свлечишта е потребна дополнителна техничка документација. Голем дел од свлечиштата беа и два пати пероектирани, но повторно се јавија и за некои ова е трет пат“, рече Бочварски.
Тој нагласи дека тоа е клучно за безбедноста на автопатот.
Бочварски објасни дека треба да се отвори постапка за дополнителни проектирања, ревизија на проектната документација од што ќе произлезе нова пресметка.
„Државата ќе направи се да ги расчисти овие прашања“.
„Едногласна е констатацијата дека проблемите се од техничка природа за кои треба се бараат соодветни решенија“, рече министерот, додавајќи дека паралелно се работи на трасата. Во однос на продолжување на договорот со „Синохидро“, тој рече сека преговорите се во тек.
Директорот на ЈП за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми вели дека до сега има 13 свлечишта за кои треба да се најдат технички решенија, да се проектираат, како и дека за некои ќе биде потребна дополнителна експропријација итн.
„Ова е типичен пример како реализираме еден многу лош проект. Затоа сме сите тука заедно да ги согледаме сите проблеми“, рече Рустеми, додавајќи дека поради тоа сега кај новите проекти се применува нов модел на модифициран фидик.
Инаку, како што појасни, од вкупните средства предвидени за автопатот, од речиси 600 милиони евра, до сега се потрошени 420 од првиот кредит, а на располагање се 178 милиони евра од вториот. Дали ќе бидат потребни дополнителни средства ќе се знае откако ќе бидат направени сите дополнителни пресметки за новите свлечишта.
На прашањето дали чувствува одговорност, бидејќи најави дека автопатот ќе биде готов уште лани, министерот Бочварски рече дека не бегаат од проблемите кои се од техничка природа и дека се тука да ги решаваат.
„Најважно е да имаме безбеден автопат“, рече Бочварски.
Тој додаде дека во моментот се одвиваат преговори со „Синохидро“ и дека ќе инсистира да се дадат рокови за завршување на секоја одделна делница. Рустеми и Бочварски повторија дека за новите свлечишта треба техничко решение, да се проектираат и тогаш ќе се знае дали и колку ќе бидат потребни нови финансии.
„Овие свлечишта не беа предвидени со вториот кредит кој беше проектиран со постојните решенија кои беа доставени“, рече Рустеми, посочувајќи дека претходно ќе треба да ги искористиме 178 милиони колку што е преостанати.
Инаку, новинарите имаа можност да ги видат свлечиштата кои ги има на првата и втората делница, но и да се уверат дека автопатот е далеку од завршување.
Како што објасни Бранко Волчески, од Градежниот институт Македонија, кој го врши надзорот, на делницата 1 има големо свлечиште во поголем обем за кое треба да се најде техничко решение.
„На поголем дел од трасата е направено тампонирање и дренажа. Останува годинава да се решат свлечиштата“, рече тој, додавајќи дека најкритични се првата, втората и четвртата под делница со вкупно 13 свлечишта.
Тој посочи дека од геолошки аспект теренот е сложен, но и дека во текот на проектирањето биле потребни подетално испитувања на теренот.
За опасностите и предизвиците на автопатот зборуваа и професори на Градежниот факултет во Скопје, кои нагласија дека од целиот проект треба да се извлечат поуки за во иднина.
Според нив постојат методи технички да се разрешат проблемите со свлечиштата, но дека ќе треба време.
Сепак, како што укажаа, многу од проблемите би се избегнале доколку своевремено испитувањата на теренот биле соодветни, а не минималистички.
„Од таму се генерираат сите проблеми. Според стандардите потребни се 4-6 дупнатини на одредено растојание, а овде се направени помалку. Косините ги задоволуваат сите критериуми“, рекоа тие.
Деканот на Градежниот факултет Горан Марковски рече дека не е сѐ така црно како што изгледа, нагласувајќи дека сите мостови се готови и според сите стандарди.
Најдолгиот мост е повеќе од половина километар и со распон од 165 метри и него го градеа македонски компании, односно „Гранит“. Тој посочи дека има и други големи градежни достигнувања, кои како искуство ќе се користат и при други проекти.
Според него, одредени работи се должат на тоа што проектот е почнат многу одамна, во 1990 а работите во техниката се променети.
„Ако денес го проектирамвме ќе имаше повеќе тунели и галерии. Би бил поскап, но ќе се завршеше побрзо“, рече професорот.