Нови програми за специјализации – 15 години не биле менувани
– Политиките, мерките и предлозите кои ги иницираме како Министерство за здравство секогаш внимателно ги дискутираме со стручната фела, и со инклузивен и партнерски пристап заеднички воспоставуваме нови политики и практики за потребите на нашето население и здравствениот систем. На денешната прес-конференција најавуваме една од најсуштинските промени во здравствениот систем. Дефинирани се новите програми за специјализација, со кои темелно се менува начинот на кој го создаваме медицинскиот кадар што треба да биде носител на системот во следните години. Повеќе од петнаесет години програмите во високото медицинско образование не беа суштински обновени, а за тие петнаесет години, реалноста драстично се смени, имаме демографски промени, промени во зачестеноста на болестите, очекувањата на пациентите, но и во самата медицина. Јас доаѓам од ИТ секторот, каде ако 15 години не го менувате моделот, вие повеќе не подготвувате кадар за иднината. Истото важи и за здравството, ако не ги модернизираме програмите, ќе ја пропуштиме шансата новите методи и технологии да станат дел од секојдневната клиничка пракса, информираше министерот Алиу.
– Суштината на новите програми е едноставна, но воедно и храбра, односно се напушта логиката на премногу тесно профилирани специјализации како почетна точка, и се гради силна, општа клиничка основа, врз која потоа рационално ќе се надградува преку супспецијализации. Тоа значи прво стабилен интернист и стабилен општ хирург, а потоа таму каде што има потреба процесот на образование ќе продолжи со кардиологија, гастроентерохепатологија, ендокринологија и други области како супспецијалистичка надградба. Програмите ќе бидат унифицирани за сите три медицински факултети во земјава. Тоа значи еден стандард, еднакви критериуми, ист квалитет на програмите, заклучи министерот.