Нови независни кандидати во трката за градоначалници


 

Економистот и граѓански активист Зоран Тодоров во понеделник ја поднесе независната кандидатура за градоначалник на Кочани, најавувајќи дека ќе настапи надвор од партиските структури и ќе се фокусира на заедништво и локален развој.

„Некој би рекол дека е фрлена ракавица, но јас велам дека раката кон сите во Кочани е подадена,“ напиша Тодоров во објава на социјалните мрежи.

Тој се претстави како сопруг и татко на две деца, роден и израснат во Кочани, и потенцира дека одлуката за вклучување во трката е мотивирана од желбата градот да стане „место на избор, а не на случаен престој“.

Тодоров, кој е еден од основачите на повеќе локални организации, рече дека со години преку конкретни акции и хуманитарни иницијативи се залагал за солидарност и поддршка на најранливите категории.

„Јас сум човек од дела – не од зборови,“ нагласи тој.

Неговата изборна порака е дека Кочани треба да се гради „чекор по чекор, човек до човек“ и дека е потребен „нов глас на одговорност, искреност и храброст“.

„Сакам живот во Кочани – достоинствен, праведен, инспиративен и топол,“ порача Тодоров.

Познатиот битолски архитект и сценограф, Зоран Николовски, исто така поднесе кандидатура за градоначалник на Битола како независен кандидат, учествувајќи во претстојната локална изборна трка.

Николовски, уметник со богата професионална биографија, кој долго време работи на сценографски и архитектонски проекти во градот, реши да се приклучи во политичкиот живот како независен кандидат, со ветување за нов и креативен пристап во управувањето со општината. Досега не се познати дополнителни детали за неговата изборна кампања – какви ќе бидат главните акценти, програмски цели или потенцијални поддржувачи. Се очекува во следниот период кандидатот да ги презентира своите заложби, визии и планови за развој на Битола.