Нови акции на Халкидики за отстранување на нелегално поставени чадори и лежалки на плажите


Атина – Во три различни акции на три плажи, односно во Пефкохори и Флегра на првиот крак на Халкидики, како и во Каливес, меѓу првиот и вториот крак,  вчера и денеска беа спроведени нови акции за отстранување на нелегално поставените чадори, лежалки и друга опрема за плажа, со цел „плажите да останат слободни и достапни за сите“, јави дописничката на МИА од Атина.

Од општина Полигирос информираа дека од плажата во Каливес биле отстранети над 170 чадори и друга опрема за плажа, кои биле трајно поставени на јавни површини, заземајќи делови од крајбрежјето и нагласија дека со оглед на тоа што туристичката сезона на Халкидики продолжува, продолжуваат и интервенциите на општината.

Додадоа дека општинската власт порачаа дека плажата не може да се претвора во простор за приватно користење, бидејќи „секој граѓанин, посетител или жител, треба да има можност слободно да избере каде ќе седи и да има непречен пристап до морето“.

– Нашата намера е да обезбедиме отворен пристап до плажата за сите граѓани, а не само за привилегираните, односно за оние кои имаат куќа до морето, туку за сите, посочи за време на акцијата Василис Фардојанис заменик-градоначалникот на општина Полигирос.

Паралелно, нови акции за отстранување на лежалки, чадори и сл., со цел заштита на јавните површини  спроведе и општина Касандра, на првиот крак на Халкидики, првата вчера во Флегра, втората денеска во Пефкохори.

Интервенциите биле спроведени по пријави поднесени до полициската станица Касандра, до надлежната општинска служба, како и до Министерството за туризам на Грција, а им претходело претходно информирање за да се отстрани опремата од плажите.

– Се потсетува дека предметите што се отстрануваат и се собираат во рамките на конкретните акции не се чуваат за враќање и нема повторно да им бидат предадени на нивните сопственици. Општина Касандра ќе продолжи со контролите и интервенциите каде што е потребно, со цел заштита на јавниот простор и еднаква примена на правилата за сите, соопштија од општината.

Вакви акции беа спроведени и во изминатиот период на плажи и во општина Касандра и во општина Полигирос.