Нови 1.422 случаи на коронавирус во Белгија и 132 починати


Белгиските здравствени власти го соопштија дневниот биланс на пандемијата во земјата: уште 1.422 лица се заразени во последните 24 часа, а уште 132 лица починале, јави дописничката на МИА од Брисел.

Вкупниот број на потврдени заразени е 16.770, а вкупниот број починати е 1.143 од почетокот на пандемијата.

Капацитетот на болниците во земјата се приближува до своите граници, посебно во Брисел, каде само неколку болници имаат доволно кревети на интензивна нега.

Моментално 5.552 лица се хоспитализирани, од кои 1.205 на интензивна нега.

Денеска во Белгија започнува и празникот Велигден, а температурите за време на викендот треба да постигнат дваесет степени, што ги загрижува властите кои алармираат дека мерките на изолација мора и натаму строго да се почитуваат.

Забрането е секакво движење кое не се смета за есенцијално, а полициските сили редовно патролираат и ги проверуваат граѓаните.

За време на празникот дозволено е прошетка со членовите на семејството кои живеат под истиот кров, но забрането е патување кон други краеви на земјата.