Новата студена војна околу корона вирусот


Додека светот и здравствената наука војуваат против современата пандемија на корона вирусот, се одвива и една друга војна – пропагандната војна на лажните вести меѓу големите сили со длабока стратешка содржина

 

НАНО РУЖИН

Кој го создаде корона вирусот? Дали е создаден во лабораторија по вештачки пат како вид биолошко оружје или настанал спонтано како резултат на апсурдноста на 21. век? Дали се работи за меѓународен заговор, конспирација на мистериозно здружение, фамацевтски проект заради поголем профит? Дали разните „проверени информации“ и „сигурни тврдења“ се реални или се работи за лажни вести? И дали некој настојува да профитира од оваа нова болест?

Новиот корона вирус за само три месеци стана светски феномен број еден. Започна во Кина и се прошири во над 180 држави вклучувајки ја и Северна Македонија. Како по обичај, освен сериозните и валидни информации на медицинските експерти, нашето светско глобално село беше бомбардирано со бројни лажни вести. Ниту македонската политичка сцена не е имуна од цинизмот на партиските апаратчики. Дури и во услови кога мортификантниот порив е толку присутен, партиските стратезите не можат да се привикнат на монашкиот аскетизам што им го наметнаа експертите.

Едноставно, тие не можат да молчат и да не го критикуваат спротивниот камп. Во нормални услови свикнавме на политичките јастреби и новинари. Феноменот на новата политичка звезда, министерот за здравство Венко Филипче, политичките опоненти тешко го поднесуваат. Неговите се тивко љубоморни, додека опозицијата по секоја цена настојува да ја замагли аурата на овој смирен доктор. На пресовите се поставуваат дрски прашања со лажни информации, се форсира нереален политички волунтаризам, според начелото „прво здравјето, а после останатото“ што е во ред. Меѓутоа, не  смее да се заборави дека здравјето е нераскинливо поврзано со превентивните мерки, затоа и можеме да зажалиме што милијардата евра за „Скопје 2014“ не била насочена во современ здравствен комплекс.

И во актуелниот меѓународен контекст, лажните вести и стратешки конфронтации станаа секојдневие. Се шират лажни вести дека Ковид 19  се пренесувал преку комарци и пакети стигнати од Кина, дека постојат бројни фантазмагорични медикаменти кои се користат во затворен круг, дека Библијата предвидела таква пандемија и само верниците ќе се спаселе од смртта, дека се работело за конспирација на фармацевтските лаборатории за што поголем профит, дека Ковид 19 е само ново биолошко оружје на Кина или САД, дека нумеричката пропагација на 5Г лансирана во Вухан го пренесувала вирусот, сѐ до бројните теории за имагинарниот заговор на „светските моќни тајни друштва“.

Дали е ова параноја или пародија, особено кога јавни личности од шоу-бизнисот во Европа изјавуваат: „Вие веројатно нешто ни криете од нас?“ Дека гласините се сериозно манипулативно средство со јавното мислење, потврдуваат и примерите во САД. Имено, по една несолена шега за поврзаноста на називот корона вирус со пивото „корона“, за љубителите на мексиканското пиво значело дека вирусот потекнува од пивото. На тој начин, потрошувачката на пивото „корона“ во САД се сведе на пет отсто. Едноставно, Американците престанаа да го конзумираат нивното омилено пиво „корона“. Историјата се повтори, исто како во 1980-тите, во  времето на сидата, кога американски бонбони Aids (сида), кои како бренд постоеле неколку години пред појавата на заразна болест, биле повлечени од продажба бидејќи никој не сакал да ги купува.

Во услови на криза,  човечката психологија е подложна кон менталните манипулации, особено кога се работи за живот и смрт. Меѓу бројните лажни теории на социјалните мрежи се издвојуваат две концепции. Едната е од „експертите“ на теоријата на заговор, која се манифестира секогаш кога се случуваат слични настани со меѓународна тежина. Во епохата на интернетот, со неговиот екосистем на погрешни вести, се афирмираат бројни гласини кои одат од теориите за „Ковид 19 како биолошко оружје“ до оние дека се работи за заговорот на Бил и Мелинда Гејтс за да профитираат од продажбата на новите вакцини и лекови.

Во рамките на теоријата дека Ковид 19 е биолошко оружје, дури и експертот за биолошки војни д-р Френсис Бојл, пишува дека „се работи за офанзивно биолошко оружје кое „избегало од лабораторијата на биобезбедносното Ниво 4 во Вухан“. Биобезбедното Ниво 4 претставува лабораторија во која се испитуваат најопасните вируси како САРС, Ебола и разни слоеви на коронавирус, чие седиште е во Вухан, пишува Бојл. Еден друг автор, Стив Мозер, потсетува на изјавата на потпредседателот на кинеската академија за медицински воени науки, Хи Фушу од 2015 дека „биоматеријалите преставуваат ново средство за стратешка контрола на војната“. Воедно го цитира и генерал Чанг Шибо, кој во својата книга „War’s New Hige Land“ (2017),  констатира дека „развојот на модерната биотехнологија овозможува нејзино офанзивно користење… вклучувајки и генетски напади врз други народи“. На таквите инсинуации, Кинезите возвраќаат дека токму САД преку големите медиумите во 2003 како  „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“ ги објавија лажните вести дека Садам Хусеин наводното поседувал хемиско и биолошко оружје, што беше изговор за американската интервенција во Ирак и приграбување на неговите енергенси од страна на Дик Чејни и Доналд Рамсфелд.

Втората група теории на заговор поврзани со Ковид 19 се од американско потекло, а нивните сценарија се покатастрофлни, а се користат да се нападне Кина и нејзиниот општествен систем. Таквата медиумска кампања против Кина е во корелација со трговската војна на САД и нејзината стратешка  визија, пишува Прабир Пиркајашта. Американската воена доктрина смета дека „Кина како ревизионистичка суперсила мора да биде воено задржана“.

Она што навистина мириса на вид расистичка инсинуација е фактот дека „Кинезите јаделе лилјаци и змии и тоа бил изворот на епидемијата“. Како доказ се покажува популарната видео-снимка кога една Кинеска јаде супа од лилјаци. Во суштина се работи за славната водителка на патеписни емисии Венг Менгуин, која покажува егзотични јадења од Палаос, група острови во Океанија. Прво Кинезите со сигурност не јадат лилјаци, а воедно кога се прави супа од кое било животно или инсект, водата мора да зоврие и при тоа ниту еден вирус не би преживеал во лонецот.

Во војната со лажни вести се вклучи и Москва. Според високиот американски дипломат Филип Рикер, „некои злонамерни Руси на Твитер, Фејсбук, Инстаграм, шират антиамерикански дезинформации за Ковид 19, наместо да се фокусираат врз глобалниот одговор кон пандемијата“.

Слично беше и за време на студената војна кога КГБ настојуваше да пропагира дека ХИВ-вирусот бил американска научна творба. И овој пат Русија настојува да ги ослаби внатрешните институции на САД и нејзините сојузници преку подземните кампањи, истакнува Филип Рикер за агенцијата Франс прес. Русите преку користењето на лажни вести настојуваат да им импутираат на САД дека творец на вирусот Ковид 19 била ЦИА со цел да ѝ се наметне економска војна на Кина. Во масата лажни вести се и клеветите кон брачната двојка Гејтс која наводно инвестирала милијарди долари за да профитира од несреќата на другите.

Според државниот Global Engagement Center на САД, чија цел е битка против дезинформациите, илјадници постови од Русија со слични содржини се шират низ социјалните мрежи на сите светски јазици со единствена цел да се наметне хаос, недоверба и анимозитет кон САД. Еден од одговорните експерти од Стејт департментот препознава типична руска доктрина на информациска со цел да се зголеми непријателството помеѓу Кина и САД.

Реагираше и портпарололката на МНР на Русија, негирајќи дека наводно Кремљ оркестрирал антиамериканска кампања на дезинформации за корона вирусот. Марија Захарова обвинувањата на Вашингтон ги оквалификувајки како „намерно измислена лажна приказна“ на американската администрација.

Нема сомнение дека додека светот здравствено војува против современата пандемија на Ковид 19, се одвива и една друга војна, тоа е пропагандната војна на лажните вести меѓу големите сили со длабока стратешка содржина. Засега сите заемни обвинувања се на ниво на хипотези. Меѓутоа каков било да е епилогот, засега, сите сили во битката против Ковид 19 загубија многу, а веројатно загубите ќе бидат уште поголеми.

(Нано Ружин е универзитетски професор)