Новата градинка во Расадник ќе има капацитет за 120 дечиња


Изградбата на нова, современа детска градинка во населбата Расадник, се одвива со одлична динамика,  смета градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Објектот ќе има капацитет за 120 дечиња и ќе се простира на површина од 800 квадратни метри, со вкупно 6 занимални, од кои 2 се наменети за јасли.

Со оваа градинка целта е целосно затворање на листите на чекање за прием во детски градинки на територија на Општина Кисела Вода.

„Кога ја презедов функцијата, се соочивме со бројка од повеќе од 400 дечиња кои беа на листите на чекање. Со изградбата на оваа градинка, како и со новите објекти во 11 Октомври и во Потстаница, обезбедуваме место за секое дете, а ќе имаме и можност да примаме дечиња и од другите општини. Обезбедуваме топол, безбеден и модерен простор за секое дете, но и големо олеснување за секој родител, истакна градоначалникот.

Тој додаде дека ова не е само инвестиција во инфраструктурата, туку дека е инвестиција во иднината.