Нова власт, нови директори – почна смената во училиштата во Битола

СДСМ обвинува дека градоначалникот Тони Коњановски сака со сила да ги смени и оние директори на кои не им е истечен мандатот, од ВМРО-ДПМНЕ одговараат дека ревизијата ќе ја покаже нивната стручност


Смените почнаа со директорот на гимназијата „Таки Даскало“

 

БИТОЛА – Со недели траат партиските препукувања во Битола околу законската или незаконска смена на директорите на основите и средните училишта во градот и на градинките, поставени од претходната локална власт.

СДСМ обвинува дека новата локална власт на чело со градоначалникот Тони Коњановски сака да ги смени директорите во образованието по секоја цена, иако имаат валиден мандат. A од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не станува збор за политички реваншизам, закани и притисоци, туку за желба за власт на опозициската СДСМ која ги загуби локалните избори.

Досега сменети се директорите на две училишта во Битола. На Гимназијата „Таки Даскало“ и на ОУ „Даме Груев“ Битола. Најголем дел од актуелните директори имаат мандат до јуни, а некои од средните училишта уште две години.

„Најголемиот акцент е ставен врз притисокот кој се врши преку училишните и управните одбори во кои веќе се назначени нови членови од страна на општината. Притисоци се прават и во самите установи при изборот на членови во училишните и управните одбори од редот на вработените каде истите мора да се членови на ДПМНЕ. Во притисоците не се бираат средства и методи, почнувајќи од фалсификувани пријави, исчезнување на документи кои се архивирано доставени до општината, притисок на членови со важечки мандат во одборите предвреме да си дадат оставки, закани за бркање од работа на лица од потесното семејство на директорите и секаков друг вид на опструкции карактеристични за ДПМНЕ, со што свесно се кршат сите закони“, обвинуваат од ОО на СДСМ Битола, наведувајќи дека се работи и за реваншизам.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, споменуваат 120 вработени од битолските училишта и детски градинки, кои пред четири години, веднаш по преземањето на локалната власт од страна на екс градоначалничката Наташа Петровска, биле избркани од работа.

„Тогашните директори, уценувани со тужби и кривични пријави, беа принудувани по секоја цена да си дадат оставки. И ова не се случуваше само во образованието, туку во сите други претпријатија во надлежност на локалната самоуправа. Четири години, подоцна, изненадени што нивното сценарио не се повторува, СДС изнесуваат лаги и невистини, неосновано обвинувајќи го градоначалникот Тони Коњановски, кој за првпат постави еден нов начин на функционирање на локалната самоуправа, во кој одлучи да работи со секој оној кој покажал стручност, компетентност и желба за соработка“, рече Лидија Павловска, просветен работник и советник во Советот на Битола од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Во моментот, во дел од битолските училишта локалната власт врши ревизија на финансиското работење на актуелните директори поставени од СДСМ.

„Откако не успеаја притисоците врз директорите на битолските училишта да си поднесат оставки, следуваше смена на училишните одбори, а потоа се премина на следната фаза, класичен упад во училиштата. По законот е строго прецизирано кој може тоа да го врши – Државниот просветен инспекторат и овластени општински инспектори. А во комисијата ни еден од членовите не одговора на профилот кој законот го прецизирал, но се проверени кадри на ДПМНЕ“, рече Мирјана Захариевска-Ралевска, советник на СДСМ. 

Градоначалникот Тони Коњановски тврди дека постапуваат коректно и неселективно се со цел функционирањето на училиштата и образованиот процес да се одвива непречено. Според него, тоа што повеќето сѐ уште се на директорските функции било доказ дека нема притисоци врз директорите. А и дека лично реагирал до Државниот просветен инспекторат нивен претставник да биде член на комисијата.

„Општината има право да го утврди функционирањето и начинот на кој се трошат средствата од страна на директорите и од таа причина комисиски во дел од училиштата каде имавме индиции за неправилности ќе постапува и внатрешниот ревизор. Сите постапки и регуларни процедури ќе бидат спроведени и секое нестручно работење, ако има такво, ќе се санкционира, се во рамките на законот“, рече Коњановски.

Во 2018 година, тогашната локална власт предводена од СДСМ излезе со податок дека средните и основните училишта чиј основач е општина Битола имаа вкупни долгови од над 285 милиони денари (околу 4,6 милиони евра), а од нив 122,8 милиони денари беа долгови кон надворешни доверители, вршители на разни услуги за училиштата.

Долговите се исплатија, училиштата се одблокираа и во нив се инвестираше.

Што ќе покажат сега финансиските ревизии за работата на актуелните директори на училиштата поставени од СДСМ, допрва ќе се види. ВМРО- ДПМНЕ веќе излезе со обвинувања дека во дел од училиштата се отпуштале стари кадри, се вработувале несоодветни по струка наставници, незаконски се постапувало со донациите, со парите од издавање под закуп на спортска сала, како и со организирање на екскурзии за време на пандемија со што имало прекршување на финансиското работење со уплатените пари од учениците.