Нова верзија на мобилната апликација на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“
Green Pay паркичникот е новитетот на најновата верзија на ПОЦ мобилната апликација на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“ која од денеска е во употреба со новите функционалности и значителни подобрувања на дизајнот и прегледноста.
-Green Pay паркичникот ќе им овозможи на корисниците на Green Pay платежната картичка да вршат трансфер на средства во зелената мрежа во реално време, надополнување на картичката од други платежни картички, увид на секоја трансакција и детален преглед на остварени средства при рециклирање на пластикомати. Мобилната апликација, исто така, ќе овозможува и емулација на Green Pay картичката односно граѓаните ќе можат да ја користат како платежна картичка преку мобилниот телефон, појаснуваат од ПОЦ.
Според директорот на „ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Васко Кичевски со новиот апдејт поправени се сите багови од старата верзија на апликацијата и се воведени нови функционалности.
Мобилната апликација нуди безбедна активна геолокација за прецизна одредба на паркинг зоната, електронско плаќање паркинг, склучување и продолжување договор за резиденти и нерезиденти и електронско плаќање за истите. Преку новата Green Pay картичка ќе можат да се најавуваат гостински регистрации, а апликацијата нуди пријавување на оштетена урбана опрема на територија на Општина Центар со прикачување на фотографија, електронско плаќање на дневна паркинг карта (ДПК), месечен билет и други типови на билети, како и многу други поволности.
Апликацијата, која може да се преземе на App Store и Play Store, достапна е и на англиски јазик со цел странските граѓани да имаат можност непречено да ги користат онлајн услугите на претпријатието. Со првото преземање на апликацијата сите корисници ќе добијат два часа бесплатен паркинг, додека жителите на Општина Центар ќе добијат 30 часа бесплатен паркинг во гостинскиот пакет на Green Pay картичката.